Сите деца – чуч, само ВМРО-ДПМНЕ – пуч. Поточно: сите деца – пуч, само ВМРО-ДПМНЕ – муч.
По сите маки и проблеми, еве и на Македонија уште една со ништо незаслужена фрустрација – неуспешниот пуч во Турција! Па, тоа ли е, по ѓаволите, тој славен турски аскер што нѐ држел пет века под пусто турско; тоа ли е таа славна војска, која штом излезе од касарните, веќе е пред Нови Пазар; тоа ли се тие булуци и табури, поради кои се самоубиле еден куп македонски мажи, а сега еден башибозук да ги совлада…
Добро, добро… знам дека времето на славната Отоманска Империја одамна е завршено, ама секогаш има едно „ама“. Ако се погледне таа славна воена традиција лесно ќе се види дека славната турска војска нема извојувано ниту една поважна победа, некаква битка што ќе биде пресудна за војната, од средината на XIX век наваму. Освен победата против илинденските востаници на 12 август 1903 година. Да, да… фрустрирачки е тоа, беа поразени во разно-разни востанија и селски буни, што српски, што бугарски и грчки, што заеднички, само Илинденците ги победија.
Значи, тажно е денес да си ВМРО, па макар и ДПМНЕ. Кај си свесен дека твоето славно минато воопшто не е толку славно како што ти се чинело (или како што ти велеле) туку и сегашноста не ти е најпријатна. Ете, колегата на Ѓорге Иванов и пријателот на Никола Груевски, Реџеп Таип Ердоган, успеа еден државен удар, пуч што би се рекло, и тоа воен, да го реши за околу четири часа и од тоа да излезе посилен, а Никола Груевски решава еден пуч, и тоа цивилен, еве веќе втора година и никако да го реши. И од целата работа излегува сѐ послаб. Што би се рекло, сите деца – чуч, само ВМРО-ДПМНЕ – пуч. Поточно, сите деца – пуч, само ВМРО-ДПМНЕ – муч.
Прва работа што направи Ердоган по задушувањето на воениот удар беше смена на илјадници судии, а богами доста од нив, главно од нивниот уставен суд и поапси. Ете една препорака за државничко однесување: нека ги смени Груевски поголемиот дел од судиите, а богами доста од нив, главно од Уставниот суд, нека поапси, па ќе види како ќе тргне работата.
Длабоко во ноќта, дури се одвиваше турскиот пуч, српскиот премиер Александар Вучиќ свика вонредна седница на неговата влада. Демек, стабилноста на Турција можела да се одрази на стабилноста на регионот, на економските односи, на безбедноста на српските државјани во Турција, на годишноодморците итн.
Колегата на Ѓорге Иванов и пријателот на Никола Груевски, Реџеп Таип Ердоган, успеа еден државен удар, пуч што би се рекло, и тоа воен, да го реши за околу четири часа и од тоа да излезе посилен, а Никола Груевски решава еден пуч, и тоа цивилен, еве веќе втора година и никако да го реши
Всушност, овој однос само ја покажува супериорноста на македонската политика во однос на онаа во регионот. И пошироко. И уште пошироко. Постојат некои шпекулации за ваквото супериорно однесување на македонскиот политички врв. Првата и поневеројатната, иако не е за отфрлање, вели дека срцето им отчукало дека другарот Ердоган лесно ќе се справи со оваа ситуација и дека има големо искуство со справување со домашни и странски непријатели, соросоиди, предавници и платеници.
Втората шпекулација, онаа поверојатната, вели дека домашните разузнавачки служби во соработка со традиционално пријателските странски служби веќе го известиле Ѓорге Иванов дека во Турција се подготвува пуч. Тој ги презел неопходните мерки и пристапил кон кажување на строго доверливата информација на неговата сопруга и на двајца лидери на две политички партии. Овие, пак, ја организирале целата погоре опишана операција на македонските постапки во случај на пуч во регионот.
Дека ова тврдење има смисла, покажува и потегот на министерот за внатрешни работи со најавата за примања неколку стотици нови припадници на македонската полиција. Засега се тврди дека 39 од најавените 600 вработувања ќе бидат ангажирани во случај македонската војска да се обиде да направи пуч, а остатокот ќе биде искористен за чување на зградата на ВМРО-ДПМНЕ, која, нели, е предвидена како скривалиште ако некој од нашите пријатели се обиде да побара политички азил кај нас. Или за некои други прилики.
И извори блиски до Пржино потврдуваат дека нашиот политички врв однапред знаел за обидот за пуч во Турција. Во преговорите за реформи на медиумите, јасно било зацртано како медиумите ќе го покриваат државниот удар во Турција. Имено, според гледаноста на телевизиите распределен е соодветен број турски серии, кои има да се емитуваат веднаш штом се појави првата вест за воен удар на турската војска. Како што можеше читателот да се увери – така и се случи.
Откога сѐ помина, можеа и телевизиите да здивнат и да ја објават својата прва „брејкинг“ вест: „Нема повредени Македонци во обидот за пуч во Турција“. Тоа дека имаше 265 жртви таа ноќ можеа да го слушнат само оние што имаа трпенија да ја ислушаат целата информација.
Ете, и со пучевите се претера!