Тие и Уставот

Наметнатата дилема „Устав или избори“ се чини ќе заврши како „И Устав и избори“. Велам „се чини“, затоа што барем мене не ми е најјасно што точно договорија лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ на фамозната „лидерска“ средба во средата. Поточно, дали нешто рационално воопшто договорија.

Прочитав купишта изјави, информации, коментари и анализи за оваа средба и нејзините резултати и повторно останав – неинформиран. Прочитав, на пример, дека оваа средба била голем чекор напред во остварувањето на националното единство, дека двете страни се откажале од партиските пресметки во корист на државните интереси, дека е постигнат компромис итн. Прочитав, исто така, дека двете страни лажат, дека не се држат до фактите, дека ги упропастуваат перспективите на земјата итн.

Пребучните шумови од лидерската средба секако се должат на нејзината „тајност“, односно на политичката незрелост на македонското општество

Пребучните шумови од лидерската средба секако се должат на нејзината „тајност“, односно на политичката незрелост на македонското општество. За малку посериозна демократија, веројатно би било незамисливо за уставните измени „во четири очи“ да разговараат (само) двајца луѓе, па макар тие биле и лидери на двете најголеми политички партии (кои, патем речено, не стасуваат ниту до половина од гласачкото тело). 

Уште помалку веројатно би било (само) двајца луѓе да бидат олицетворение на „македонското национално единство“. (На крајот на краиштата, нејасно е какво е тоа национално единство со исклучување на албанскиот политички фактор). А најмалку веројатно е уставните измени да се прават исклучиво врз политичка волја, а со целосно исклучување на правната струка. 

Парадоксот, всушност, е во тоа што решенијата за уставните измени се носат – неуставно!

Ваквата, веќе долгогодишна пракса, најважните одлуки за земјата да се донесуваат меѓу тесен круг луѓе (овојпат ептен тесен) и тоа да се претставува како некаква волја на избирачкото тело навистина ја актуализира дилемата од потреба на постоење Собрание. И, навистина, што работат нашите народни избраници? Веројатно постојат само за консензуално покачување на сопствените плати и примање надомест за патни трошоци. Измените на законот за лична карта, поради кој млади луѓе ни умираат на улица, секако не се во нивниот фокус.

Нивните „национални лидери“ сега се занимаваат со многу поважни прашања од таму некои животи на некои Роми. На крајот на краиштата, не можам да се сетам дека било Ковачевски, било Мицкоски воопшто некогаш лично излегле на избори.

Еве, јавно предлагам да се укине Собранието и да ги плаќаме само „националните лидери“, чие работно место ќе биде на некоја зелена маса во Клубот на пратениците, каде што до мила волја ќе се коцкаат со добиените мандати и ќе си играат месии и народни водачи. Поевтино е, а и попрактично.

Освен непријатноста во стомакот за бадијала изгубеното време, што навистина се реши на лидерската средба? 

Што работат нашите народни избраници? Веројатно постојат само за консензуално покачување на сопствените плати и примање надомест за патни трошоци

Колку што разбрав (ако разбрав) Христијан Мицкоски вели дека ќе ги поддржи уставните измени „со одложено дејство“, односно да почнат да важат од почетокот на ратификацијата на приемот на Република Северна Македонија во ЕУ (практично од самиот прием).

Зошто не веднаш, како што предлага ДУИ? Или со почетокот на втората меѓувладина конференција, како што предлага СДСМ.

Мицкоски вели дека на овој начин Бугарија ќе биде заинтересирана за побрзо завршување на нашиот преговарачки процес, демек за да влезат побргу Бугарите во нашиот Устав. И на тој начин ќе се осигуриме од ставање натамошни вета и блокади од нивна страна. Мицкоски тврди дека ова е услов без кој нема да прифати промена на Уставот. 

И уште спомнува некакви гаранции од САД и од ЕУ, иако не ми е баш најјасно како тоа ЕУ и САД ќе гарантираат дека ние ќе ги „ставиме во дејство“ уставните измени. Белки би требало да биде обратно. И за какви гаранции воопшто станува збор? Нешто како оние што пратениците нотарски ги заведоа дека по никаква цена нема да дозволат измени во Уставот.

Во секој случај, Мицкоски тргнува од ужасно погрешна премиса! И гради погрешна конструкција. Имено, не е јасно зошто Мицкоски мисли дека врвен приоритет на Бугарија е влегувањето на Бугарите во македонскиот Устав? А не, на пример, историјата? Или јазикот? Или на што веќе ќе се досети креативниот ум на бугарската актуелна политичка сцена. Зошто воопшто мисли дека на Бугарија ѝ е во интерес Македонија да влезе во ЕУ? И зошто тоа воопшто би ги интересирало? 

Напротив, како што сега стојат работите, актуелните бугарски политички елити единствено ги интересира преговарачкиот процес, и тоа исклучиво за лечење на сопствените политички и историски фрустрации и главно за собирање популистички политички поени.

Ако во принцип, Мицкоски нема ништо против вметнувањето на Бугарите во преамбулата, а изгледа дека нема, тогаш временското условување со „стапувањето во сила на уставните амандмани“ не е ништо друго, туку обична уцена токму за добивање некакви политички поени и мерење на политичката сила, и тоа преку народните избраници што се под негова контрола. Барем на тој начин да ја контролираше градоначалничката на Скопје, веројатно сите ќе беа посреќни. Та со уставни измени, та без нив.

Министерот за здравство не разликува што се резиденти, а што нерезиденти, државната матура ни е пред колапс, сообраќајниот хаос во главниот град е пуштен на најјако

Ако сакам да бидам злобен, а не сакам, тогаш ќе кажам дека Мицкоски се служи со истите методи како и Бугарија во блокирањето на македонскиот пат кон ЕУ.

Во овој случај, најзрело политички се постави токму ДУИ, која не само што не покажа суета за нејзиното исклучување од „лидерската средба“, туку изрази подготвеност да помине во опозиција и да поддржи влада без нив во неа. Откога уставните измени ќе влезат во сила. Конечно, и ДУИ за себе смета дека е гарант на промените на Уставот и дека нема никаква потреба да излегува од Владата, ако не биде вклучена во тој процес. 

За волја на вистината, ВМРО-ДПМНЕ имаше едно искуство без ДУИ во Влада, кое не само што заврши неславно, туку нивните пратеници изгласаа амнестија (автентично толкување, или како тоа веќе се вика) за хашките случаи. Само за да ја одоброволат токму ДУИ да им остане коалициски партнер.

СДСМ, пак, „братски“ дели министерства, како да им се дадени во трајна сопственост, а не на управување. И бара уставните измени да влезат во сила со реалниот почеток на преговорите за влез во ЕУ.

Не велам дека европскиот пат на Македонија е небитен. Напротив. Него сѐ повеќе млади си го наоѓаат, иселувајќи се оттука. Но, додека ние се расправаме и бараме национален консензус околу тоа „колку ангели можат да застанат на врвот на една игла“, министерот за здравство не разликува што се резиденти, а што нерезиденти, државната матура ни е пред колапс, сообраќајниот хаос во главниот град е пуштен на најјако, не се знае дали ќе има учебници и следната година, луѓе умираат од административни причини…

Далеку е Европа. Многу подалеку од Слупчане, до каде што нам ни се простира погледот.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија