Намерата на власта е СЈО предизборно да го прогласи за диво месо во правното ткиво, нешто како самоизникната правна екстензија, или како правна секта од која државата/партијата ќе се заштити со своевидна „секуларност“, односно дистанцирање и отфрлање на правните дејства што ќе произлезат од тоа „секташење“.
Да се иссмее, да се етикетира, да се искомпромитира, за да може потоа да се инсталира една државно востоличена индиферентност кон СЈО. Тоа е целта на власта заради која веќе длабоко се сосекуваат сите очекувања во јавноста дека од него можат да излезат правни, со докази фундирани обвиненија, пред сѐ, поради наводна персонална некомпетентност на тимот, еднопартиска пристрасност и необјективност.
Индиферентноста, „едно од најголемите чудовишта“ (Радомир Константиновиќ) овде веќе подолго време се инсталира како суштински атрибут на редовната општествена состојба во однос на многу клучни теми, па и во однос на оваа, со цел лажно да се прикаже дека власта не е е засегната од едно „такво“ некадарно СЈО.
Со екстремно големи инвестиции во производството на рамнодушност, се прави таа да стане реална, можна, клучна и сеопфатна, спротивна на каква било критичка дејност или обвинителска акција. Со неа ВМРО-ДПМНЕ сака да го завери, засекогаш да го запечати и да го концесионира на долг рок отсуството на промени, претворајќи ја државата во квадриплегичар, на кој тие ќе ѝ ја туркаат количката во насоката што ја одредиле: вечна власт и вечна неказнивост.
Намерата на ситите и предозирани од криминал е јасна: да ги третираат гладните за правда само како нужен демократски декор кој треба да добие „привремена детска занимална“ (СЈО), но не и функционална институција
За таа цел, големата надеж на граѓаните кон СЈО, експресно сакаат да ја заменат со тотална индиферентност или со потсмев кон него. Намерата на ситите и предозирани од криминал е јасна: да ги третираат гладните за правда само како нужен демократски декор кој треба да добие „привремена детска занимална“ (СЈО), но не и функционална институција.
Во потребата на земјата да закрепне од децениското криминално цицање на нејзините ресурси и од последиците од сеопштата институционална девастација, тие гледаат само безначаен пржински бенчмарк кој треба константно да се игнорира, бидејќи во владејачкото пашалачко поимање на „демократијата“ единствено „народот решава кому ќе му верува“. За правдата не решава судот туку изборниот резултат!
Затоа, целта е експресно да го нокаутираат и анестезираат СЈО (можеби и да го еутаназираат) за целиот негов оперативен период да биде мртов до изборите, сѐ додека народот – тој единствен праведен обвинител, поротник, адвокат и судија, не ја даде и правната и политичката оценка за „бомбите“. Па нели е ова пуч? Нели е „насилство кон државните институции“? Нели е убиство на надлежностите на СЈО? Или не е?
Ваквата политика на монструозна опструкција и измама, во основа се потпира на методи за сеопшта системска деградација, со кои на институциите им се наметнува нова искривена суштина, исклучиво во согласност со владејачките субјективни и лукративни потреби.
Таа чудовишност која од поодамна егзистира во разни сфери, особено во антикорупциската („да го затвориме еднаш засекогаш прашањето за имотната состојба на Груевски, за век и веков, амин“- изјава на поранешниот претседател на ДКСК), откако е дистрибуирана во сите институционални партиски енклави, сега треба да се подметне и во единствената оаза што не е под контрола на фамилијата, што, пак, е надвор од делокругот на нејзината партиска и административна војска и на офицерите за врски.
Од фронталниот напад на вмровските тројки, од обидите по секоја цена да се внесат тројански коњи на „непријателската територија“, но и од држењето во заложништво на законските измени кои му се неопходни на СЈО, се чита стравот од можноста да му биде земен скалпот на племенскиот поглавар и стравот од можноста да проговорат неговите главни врачови, па сѐ да отиде по ѓаволите.
Тој страв ги принудува да влезат во жесток политички инженеринг – тие да ја димензионираат динамиката на работата на СЈО, тие да го баждарат квалитетот на обвинителите, тие да одредат кои законски измени ќе се донесат, кои не. На крајот на сметката, според данокот на додадена вредност што се подготвени да го платат за таков, набрзина обезмоќен „производ“, произлегува еден заклучок: дека власта може да го поднесе постоењето на СЈО, но единствено под услов да не се занимава со нејзините претставници.
Со други зборови, се залага одговорноста на власта и натаму да може да биде само метафизичка категорија, нешто како „симболична и изборно проверлива одговорност пред народот“. А СЈО нека ги слуша аудио-снимките, ама онака, од хоби.
Во спротивно, тоа обвинителство во најблага варијанта ќе биде прогласено за диво месо во правното ткиво, нешто како самоизникната правна екстензија, без оглед што за него гласале најголем број пратеници во историјата на парламентот. Односно, ќе биде третирано како некаква правна секта, од која државата/партијата треба да се заштити преку воведување своевидна „секуларност“, односно дистанцирање и отфрлање на правните дејства што ќе произлезат од тоа „секташење“.
Ако изборите на 11декември се закажани врз основа на анекс на Пржинскиот договор од 20 јули, и ако во тој договор се гарантира дека и по одлуката на Уставниот суд (каква и да е) „ефикасноста, опсегот и целите на СЈО треба да бидат задржани“, дали ова што сега го гледаме во парламентот, но и преку диверзантските акции во МТВ, е вистинскиот начин на кој во овој момент се обезбедува неговата ефикасност?
Или е перфидно сервирање на „шведската маса“ наменета за потребите на Уставниот суд, по што на Судот „самото ќе му се каже“ како треба да постапи. На таа маса веќе се распоредени голем број, божем правни мирудии и аршини, и исто толку и нивни промотори – експерти, кои треба да ја убедат јавноста дека разликата во ставовите кон СЈО меѓу власта и опозицијата не е виктимолошки кондиционирана туку правно фундирана.
Дали? Еве примери околу „еднаквоста“ на аршините. Судот прифатил класифицирани докази од обвинителството на Зврлевски, но исти такви не прифаќа од обвинителството на Јанева. Беспоговорно (99 отсто случаи) прифаќа барање за одредување притвор од едното обвинителство, но не и од Специјалното (еден отсто).
Ако пржинските договори и анекси имаат некакви гаранти, а имаат, тие веднаш треба да го вклучат алармот. Афтершоковите врз работата на СЈО не најавуваат стабилно тло за работа туку голем политички земјотрес, кој нема да ја засегне само работата на ова обвинителство туку целиот сет политички мерки за излез од кризата
Тенденциите се јасни, игрите уште повеќе, матна е само насоката во која се движат очекувањата за достапност на правдата. Ако пржинските договори и анекси имаат некакви гаранти, а имаат, тие веднаш треба да го вклучат алармот. Афтершоковите врз работата на СЈО не најавуваат стабилно тло за работа туку голем политички земјотрес, кој нема да ја засегне само работата на ова обвинителство туку целиот сет политички мерки за излез од кризата.
Репродуцирањето ваква состојба во овој момент е многу поголема грешка од примарната, бидејќи ја востоличува агонијата како неизлечлива и безалтернативна состојба, па ѝ дава голема пазарна и политичка вредност од која заработуваат само оние што партициприраат во нејзиното редовно одржување и сервисирање. А целта беше сосема поинаква – токму извршителите на ваквите нечесни работи да бидат испратени на „сервисирање“.