Светот ги преживува најнеизвесните денови по Втората светска војна. А можеби и во целата своја понова историја. Тоа секако не значи дека деновите што доаѓаат нема да бидат уште понеизвесни.
Војната во Украина, како што веќе на сите им е познато, влезе во својата „втора брзина“. И, како што наложуваат законите на автомобилската моторика, таа или ќе добие во своето забрзување, или ќе помине во лер.
Она што во оваа неизвесност со сигурност може да се предвиди е дека фазата на таканаречената руска „специјална воена операција“ заврши. Барем терминолошки.
Да се потсетиме дека целите на оваа „операција“ не беа приклучување на одредени области кон Руската Федерација, туку „денацификација“ на Украина, односно поставување проруски режим во целата држава, со што Русија би се обезбедила од наводните закани од Западот, поточно од влегувањето на НАТО-силите во Украина.
Очигледно е дека руската страна направила низа погрешни процени, не само во однос на потценувањето на силата на украинската армија, туку уште повеќе во проценката на поддршката што украинската власт ја има кај својот народ, а и кај сојузниците, се разбира.
Не знам дали руските стратези беа залажани од резултатите на блицкригот во 2014 година и анектирањето на Крим, односно од тогашната млака западна реакција и речиси никаков отпор од украинската армија, важно есапот дома се чини не се оствари на теренот.
Ова особено се виде по спроведувањето на украинската неочекувано и, би рекле, изненадувачки успешна (контра)офанзива од почетокот на месецот, кога украинските војници во само пет дена ослободија околу осум илјади квадратни километри и низа стратешки и логистички јазли во харкивската област.
Следните потези на Путин беа речиси изнудени – мобилизацијата и анектирањето на четирите украински области (Доњецк, Запорожје, Херсон и Луганск, иако, всушност, нема целосна контрола врз нив).
Овие потези говорат за изнудената промена на стратешките цели на „специјалната воена операција“, што во превод може да значи барање достоинствена отстапница на руската војска од украинската воена авантура. Токму затоа е за очекување сега парадигмата на „специјалната воена операција“ и „денацификацијата“ на Украина да се претвори во некаков нов пропаганден модус, од типот на „војна за светите руски земји“ или „заштита на нашата територија и нашите сограѓани“ или нешто слично на тоа што би требало да ги убеди военоспособните Руси дека (ќе) се борат во праведна војна, а не во некаква си операција на туѓа територија.
Војната во Украина, како што веќе на сите им е познато, влезе во својата „втора брзина“. И, како што наложуваат законите на автомобилската моторика, таа или ќе добие во своето забрзување, или ќе помине во лер
Путин, токму по искуството со Крим, со право претпоставува дека на НАТО и не му е толку битно каде се границите на Русија, туку тој да го зафати просторот на нивните граници. Претпоставувам дека воден токму од една таква идеја, Путин во својот говор во петокот, кога го потпиша актот за припојување на овие украински области, меѓу другото, ја повика украинската страна на мировни преговори, нагласувајќи дека припоените делови нема да бидат предмет на никаков разговор.
На тој начин, Путин пред својата јавност, украинската војна би ја претставил како успех, како впрочем и Зеленски, кој ќе може да тврди дека успешно се одбранил од агресијата на една од најсилните армии на светот.
Тоа би била, така да кажеме, некоја лер-позиција кон која можат да водат сегашните процеси, но…
Се чини дека во овие седум-осум месеци, колку што трае руската инвазија, преголем влог е ставен во игра за да може така лесно да се излезе од воениот јазол. Конечно, одговорот на говорот на Путин стаса експресно бргу.
Украина побара влез во НАТО по брза постапка, а претседателот Зеленски, осоколен од воените успеси на својата армија, истакна дека никакви преговори не доаѓаат предвид додека е Путин на чело на државата. Конечно, ваквиот став доби свое оправдување во саботното ослободување на важниот стратешки град Лиман во провинцијата Доњецк, токму онаа што Путин ден претходно ја прогласи за руска територија.
Иако е тешко да се поверува дека НАТО е подготвен во овој момент да ја прими Украина во своите редови (тоа практично би значело отворена војна со Русија, односно Трета светска војна), сепак барањето на Киев претставува голем предизвик за западните сојузници и нивните натамошни потези.
Со ваква ситуација на воениот терен, но и во политичките битки (анектирањето на дел од украинската територија не е признаено од речиси ниту една земја во светот, вклучувајќи ги тука руските сојузници и нејзините сателити), давањето отстапки на Путин, како што тоа беше практичното премолчување на анексијата на Крим, веќе не се опција.
Токму тука може да се предвиди онаа „забрзана“ фаза на воените дејствија од почетокот на овој текст. Имено, во споменатиот петочен говор, Путин нагласи дека секој напад на присвоените територии ќе се смета за напад на Русија и дека Русија ќе одговори со сите расположливи средства. Што значи тоа, лесно може да се претпостави.
Дали е Путин доволно способен или доволно луд да употреби нуклеарно оружје, па макар тоа биле таканаречените тактички нуклеарни глави? Секако дека е! Не само што веќе постои силен притисок во руските милитантни кругови тоа да го направи и така да ја натера Украина на капитулација, туку тој едноставно и нема премногу маневарски простор, особено ако Украина, односно Западот ја отфрлат неговата понуда за преговори.
Со ваква ситуација на воениот терен, но и во политичките битки , давањето отстапки на Путин, како што тоа беше практичното премолчување на анексијата на Крим, веќе не се опција
Во оваа пригода не би сакале да предвидуваме како натаму би се одвивале работите, затоа што една употребена нуклеарна глава на кое било место во светот, едноставно значи дека таа е фрлена и врз Скопје, и врз Лондон, и врз Пекинг и… назад повеќе нема.
Од Втората светска војна наваму постои правило дека земјите што поседуваат нуклеарно оружје, така најдобро го чуваат мирот. Нив никој не се осмелува да ги нападне, а и тие не се осмелуваат да го употребат, затоа што тогаш ќе се прекрши правилото и светот ќе отиде во мајчината. Само што не е познато дали Путин го знае ова правило.
Токму тој петочен говор на Путин во оваа смисла е прилично сигнификантен. Имено, внимателните слушатели ќе забележат дека во тој говор речиси и не се спомнува состојбата на теренот, ниту се говори за некакви воени успеси, а „специјалната воена операција“ како сосема да исчезна од вокабуларот на диктаторот.
Наместо тоа, речиси целиот говор беше посветен на напади и демонизација на САД и НАТО со недвосмислени воинствени закани, ако се осмелат да му застанат на патот. Заканувајќи се токму со наводното технолошки супериорно оружје што Русија го поседува.
„Оставија пустина и тоа го нарекоа мир“, оваа изјава римскиот историчар Тацит му ја припишува на водачот на британските племиња Калгак (Calgacus). Како и секогаш, мирот некогаш ќе дојде. Прашање е колкава пустина ќе остави зад себе.
А во меѓувреме, илјадници и илјадници военоспособни Руси дезертираат, напуштајќи ја својата татковина и бегајќи кој каде стаса.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и ненужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија