„Златна папуча“ за Оливер

Андонов прифати да биде истретиран како прашок за перење. Вчера дури и не знаеше дека бил ставен на програма за претперење. Дознал од други. Откако даде свечена заклетва го вклучија на центрифуга. Денеска е на програма за плакнење и исфрлање.

Јас сум Оливер, и ја извршувам функцијата министер за внатрешни работи на Република Македонија. И јас сум Оливер, и ја извршувам функцијата министер за внатрешни работи на Република Македонија.

Оваа реченица во ист ден ќе можат да ја кажат и Оливер Андонов и Оливер  Спасовски. Едниот пред заминување од функцијата со рок на траење помалку од еден ден, а другиот по доаѓањето на функцијата со рок на траење до крајот на изборниот процес. Но, на 2 септември и двајцата најверојатно ќе имаат законска основа да го кажат тоа.

Спасовски треба да дојде на чело на ресорот по сила на меѓупартиски политички договор, а Андонов стигна по проценка на власта, чии мотиви не се тешки за дешифрирање, а се манифестираат со подметнување кукавичини јајца во едно од многуте институционални гнезда во кои треба да се испилат гаранции дека на 11 декември ќе имаме фер-избори.

Многубројните сомнежи дека тешко ќе се оствари тој идеал заради опструкции од недемократската власт, се потврдија побрзо и од прогнозите на најголемите песимисти. Фасцинантна е досетливоста со која Груевски и неговата камарила го користат секој празен сантиметар за да постават нови мини на договорот и да купат време и шанси за себеспасување.

Фасцинантна е досетливоста со која Груевски и неговата камарила го користат секој празен сантиметар за да постават нови мини на договорот и да купат време и шанси за себеспасување

Без оглед колкава медиумско-пропагандна инфраструктура му стои на располагање, шибицарењето преку кое максимално се обидува да се потврди како безалтернативен лидер и незаменлива власт, ги надминува сите коти до кои може да ги допре човечката фантазија. На тој пат најсурово ги користи неговите послушници по принципот „употреби и фрли“.

Не се за жалење, бидејќи самите се согласиле на таков вазалски однос. Се согласиле да бидат ставени на располагање, во партиски погон, качувани во автобуси, испраќани на контрамитинзи. Андонов е вистински изданок на тој профил, самопрепариран и самопрепорачан за рентирање за разно- разни партиски потреби, сеедно дали преку ГДОМ, и дали до секој дом преку катодните цевки низ кои течат неговите експертски ставови за сѐ и сешто.

Суштината на неговото еднодневно министерување неодоливо потсетува на рекламниот скеч на К-15 за прашокот за перење „Оливер“. Веројатно се сеќавате дека наградата „златна папуча“ ја доби оној што најдобро ја испра облеката благодарение на овој детергент. Но, кога пародијата ќе стане реалност, тоа веќе не предзвикува смеа туку очај.

Андонов прифати да биде истретиран како прашок за перење. Вчера дури и не знаеше дека бил ставен на програма за претперење. Дознал од други. Откако даде свечена заклетва во парламентот, го вклучија на центрифуга. Денеска е на програма за плакнење и исфрлање. Тој е детергентско-санитарната брана за одржување на партиската чистота во МВР. Ресорот превентивно ќе биде исчистен и дезинфициран од каква било можност во ткивото на МВРО-ВМРО да се вовлече вирус кој би го нарушил системот со кој ресорот е раководен од Белата палата.

Вчера Оливер доби црвен тепих до министерскиот кабинет. Денеска ќе добие „златна папуча“. За него тоа е „полна капа“

За тие услуги, вчера Оливер доби црвен тепих до министерскиот кабинет. Денеска ќе добие „златна папуча“. За него тоа е „полна капа“. Што повеќе да посака некој, што достоинството, интегритетот и моралните „дребности“ заедно со чадорот си ги заборавил на рецепцијата во партискиот штаб. Но, ако не му се случела таква „мала“ невнимателност, денес не би ни бил заведен во списокот на разни подизведувачи за партиски потреби, некои мандатни, некои месечни, а во случајов на Оливер – еднодневни. Нешто како еднодневна екскурзија на умот.

Опозицијата вчера врескаше од собраниската говорница дека вакво нешто (министер за еден ден) никаде нема. Има… Дури и на повисоки функции. Еве, на пример, најблискиот соработник на Хитлер, министерот за просвета и пропаганда, Јозеф Гебелс, бил канцелар на Рајхот само еден ден. Но, и за еден ден го завршил тоа што требало да го заврши. И повеќе од тоа.

А вчера сите му се смееја на премиерот, Емил Димитриев, кој во говорот изрази уверување дека Андонов „ќе даде максимум за што попрофесионално извршување на својата функција како министер за внатрешни работи“. Секако. Не случајно рекле, „што носи денот, не носи ни векот“. Јас лично верувам дека Оливер целосно и максимално се посветил на функцијата. Дека не ни заспал. А и кога да спие? Додека потпишал сѐ што му ставиле под нос, додека испил кафе и си наместил своја фотографија меѓу Јанкулоска и Чавков – истекол министерскиот мандат. Таман да дремне во фотелјата по долгата и исцрпувачка работа, гласот на секретарката го враќа во суровата реалност: Г-дине министре, треба да го потпишете барањето за ваша оставка.

„Аууу, зарем дојде време?“

Дојде. Ѕвончето кое вчера му заѕвони за првиот час, денеска ѕвони за крај на часот. По вчерашните собраниски аплаузи, денеска нема шпалир низ кој ќе помине напуштајќи ја функцијата. Но, останува во кругот дополнително заменски и  строго наменски, вдомен, гдомен, неопходен.

Ваквите епизоди низ пресекот на ова тешко време, ни откриваат колку е големо отсуството на вистинска есенција за она што значи „фер-договор“. Во обид да стигнеме до целта, до јадрото за нов почеток, на сите страни откриваме ништожност, препорачана како преодна судбина

Ваквите епизоди низ пресекот на ова тешко време, ни откриваат колку е големо отсуството на вистинска есенција за она што значи „фер-договор“. Во обид да стигнеме до целта, до јадрото за нов почеток, на сите страни откриваме ништожност, препорачана како преодна судбина. Единствената точка на потпирање ни се нуди преку килави варијанти – од ад-хок комисии преку ад-хок министри, до ад-хок живот. Некои велат – ова е срам, други – двојно дно, трети – театар, или сѐ заедно.

Во кое време живееме сега? Театарот зависи од две различни времиња кои физички коегзистираат: време во кое се игра претставата и времето во кое се случува дејството во претставата. Ние сега живееме во постојано испреплетување на тие времиња. Не знаеме што е реалност, што претстава, што сегашност, а што повторување на историјата/минатото како фарса.

Овој хаос бара многу повеќе напор и способност за да излеземе од овој временски процеп, да го поврземе тоа што е одвоено и да го вратиме единството на моментот што некогаш постоело. И овој попатен Оливер, и сите слични реплики што ќе бидат произведени на тој пат, не треба да го дезориентираат општеството од насоката во која сака да се движи: надвор од оваа мачна и лоша претстава со која се обидуваат да ни го украдат времето што ни припаѓа.