Регион

Косово и Србија: Правдата трпи заради несоработката

Апсењето на поранешниот премиер, Рамуш Харадинај, во Франција, врз основа на потерницата што по него ја издаде Србија, покажа како воените злосторници, поради континуираното непријателство помеѓу Белград и Приштина, успеваат да ги избегнат судските процеси.

Од протестите во Приштина одржани во петокот. Фото: Бета

Од протестите во Приштина одржани во петокот / Фото: Бета

Пишува: Марија Ристиќ

„Харадинај е Косово“, пишуваше на еден транспарент, за време на протестот на илјадниците граѓани на Косово, главно воени ветерани, кои минатиот петок, на температура од минус 10 степени, излегоа на главните улици на Приштина.

Демонстрантите бараа ослободување на поранешниот косовски премиер и воен герилски херој, Рамуш Харадинај, од притворот во Франција, каде што е задржан по апсењето, врз основа на потерницата од Интерпол, што по него ја распиша Србија, која го товари за воени злосторства.

На околу 300 километри од Приштина, во Белград, Здружението на семејствата на киднапираните и убиените од Косово и Метохија, од Франција и Србија побара екстрадикција и процесирање на Харадинај, порачувајќи им: „Злосторникот е во ваши раце, бидете праведни и дајте им правда на жртвите и на нивните семејства“.

Србија и Косово имаат дијаметрално спротивни гледишта за војната која што се водеше во Косово, во 90-тите години. До овој крвав судир, поради кој се протерани милиони луѓе, а околу 13.000 се убиени, дојде по офанзивните реакции на српските сили, како одговор на герилските операции на Ослободителната војска на Косово (ОВК), која бараше независност на Косово.

За косовските Албанци, војната беше праведна, затоа што Србија, под водство на Слободан Милошевиќ, десет години ги кршеше нивните права. Од друга страна, Србите веруваат дека нивната борба била праведна, затоа што нивната „средновековна татковина“ им била одземена од терористичка група, која ги протерала преостанатите 250.000 Срби од Косово.

Иако поминаа скоро 18 години од завршувањето на војната, и во двете општества се одржуваат овие доминантни наративи.

Меѓународната заедница, во двете земји, вложи многу напори за постигнување на правдата. Формира неколку судови кои се занимаваа со воените злосторства, но постигна слаби резултати: еден меѓународен суд, две меѓународни мисии и еден локален суд, успеаја да завршат само дваесеттина случаи поврзани со судирот во Косово.

Она што, исто така, загрижува, е фактот дека во последните неколку години, процесирањето на воените злосторства на Косово значително опадна, но и фактот дека и двете страни ги користеа наводите за воени злосторства, само во политички цели. А ’потпалувачката’ реторика на политичарите, дополнително ги продлабочи поделбите меѓу етничките групи, додека на обвинителна клупа, досега, се најдоа само неколку лица.

Криејќи се позади границите

Надлежностите на Мисијата на ЕУ за владеење на правото на Косово (ЕУЛЕКС), која беше задолжена за процесуирање на воените злосторства, минатата година значително се намалија, а случаите за воените злосторства ги пренесоа на домашното обвинителство.

Меѓутоа, ЕУ потфрли во преговорите за спогодбата за воените злосторства помеѓу Косово и Србија, кои на обвинителите на овие две земји би им овозможиле соработка, и покрај континуираните политички тензии помеѓу Приштина и Белград.

Бидејќи помеѓу обвинителствата на двете земји не постои официјален договор, обвинителите за воени злосторства од Приштина можат да дојдат само до жртвите и до сторителите кои што се наоѓаат во Косово, како што и српските обвинители можат да се занимаваат само со лицата кои се наоѓаат во Србија. Оваа практика значително ја ограничува можноста за отварање на нови и сериозни случаи.

Во повеќето големи предмети, лицата што во едната земја се сторители на злосторство, во другата се жртви.

Притоа, Србија претежно одбива да соработува и да дава докази, дури и кога се работи за барања од Косово во кои посредува ЕУЛЕКС.

Поради тоа, обвинителството на Косово е ограничено на релативно слаби случаи, во кои може да се фокусира само на сторителите на територијата на Косово. Минатата година, на пример, обвинителството во Приштина подигна случај против поранешниот командант на ОВК и актуелен политичар, Фатмир Лимај, под обвинение дека, во октомври 1998 година, не спречил убиство на двајца цивили, косовски Албанци.

Имајќи предвид дека Лимај е многу позната личност, обвинителството на Косово со ова ги оспори предрасудите на меѓународната заедница дека не е способно да се справи со сторителите кои се на високи позиции, ниту пак со чувствителните предмети.

Една од главните причини поради кои Запад толку долго беше вклучен во работата на косовското правосудство, прво со мисијата на ООН, УНМИК, а подоцна и со ЕУЛЕКС, беше политичкото мешање во случаите.

Кога, во 2008 година, УНМИК ги пренесе своите овластувања за истрагите за воени злосторства на ЕУЛЕКС, останаа 1.187 случаи поврзани со судирот на Косово, кои беа идентификувани како воено злосторство, а не беа процесирани, и 50 предмети кои чекаа на обвинение.

ЕУЛЕКС малку ги подобри овие резултати. Според податоците кои БИРН ги доби од ЕУЛЕКС, мисијата на ЕУ успеала да истражи и да процесуира околу 250 случаи, но само во неколку од нив дошло до судење.

Помеѓу судските процеси од висок профил, се издвојуваат две судења. Првото, судењето на припадниците на таканаречената Дреничка група на ОВК, и судењето на лидерот на косовските Срби, Оливер Ивановиќ и на неговите соработници. Двата случаи се завршени со осудителна пресуда, иако предметите сега се во жалбена постапка.

„Правдата не е постигната“

Сепак, жртвите се незадоволни од овие резултати. Има уште многу работи кои треба да се направат, вели Нусрете Куманова, која, во напад на српските сили извршен во војната во 90-тите години, го загубила сопругот. Денес, таа го води здружението на жртви „Мајките плачат“.

„Правдата не е постигната. Пример за тоа е Ѓаковица, од каде што јас доаѓам, каде што немаше обвиненија во врска со исчезнатите лица. Зборувавме за ова на цел глас, но правосудниот систем, во врска со ова прашање, не ја одработи работата како што треба“, изјави Куманова за БИРН.

Таа нагласува дека нејзиното здружение собрало сведочења од семејствата на исчезнатите за време на судирот, но дека властите искористиле само некои од доказите.

„Кога веќе имаме евиденција, доволно информации, а знаеме и кој ги одзеде нашите најмили, правосудниот систем треба да собере повеќе искази од семејствата, за да може да подигне обвиненија за злосторствата. И да не им дозволи на злосторниците да влегуваат во Косово кога и да посакаат. Тие можат да го прават тоа затоа што никој не работи на обвиненијата против нив“, нагласува таа.

Косовското обвинителство се обиде да процесуира некои предмети кои се однесуваат на воените злосторства извршени во Ѓаковица, кога српските сили скоро го срамнија градот со земја, го протераа албанското население и убија стотици цивили.

Во 2015 година, косовските обвинители обвинија 17 српски борци, меѓу кои и поранешниот пратеник и поранешен директор на воено-безбедносната агенција, Момир Стојановиќ, за злосторства извршени во април 1999 година, кога во селото Меја на подрачјето на Ѓаковица, се убиени околу 300 Албанци.

И покрај потерниците издадени од Интерпол, затоа што се веруваше дека поголемиот дел од бегалците живеат во Србија, властите во Белград решија да ги игнорираат.

Од друга страна, Белград распиша десетина интерполови потерници, главно по припадници на ОВК. Овие потерници се држат во тајност и за нив се дознава само доколку при преоѓање на европските граници, некое од лицата по кого е распишана потерница, биде уапсено. Токму таков случај е апсењето на Рамуш Харадинај, минатата седмица на аеродромот Базел Мулхаус Фрајбург во Франција.

Србија, според својот закон, има универзална надлежност над сите воени злосторства извршени на територијата на поранешна Југославија, врз основа на кој српското обвинителство бара од земјите да ги притворат и да ги испорачаат косовските герилски команданти, осомничени за воени злосторства.

Поголемиот дел од овие барања се одбиени, затоа што европските судови во неколку наврати донесоа одлуки дека српските потерници се политички и дека поради ова осомничените лица не би имале праведно судење во Белград. Адвокатите на Харадинај веруваат дека францускиот суд, во четврток, ќе донесе слична одлука и ќе го ослободи притворениот политичар.

Меѓутоа, и покрај честите обиди да ги процесуираат командантите од другите земји, српското обвинителство, како што вели Милица Костиќ, директорка на правната програма на Фондот за хуманитарно право, до сега, за воени злосторства, не обвинило ниту едно високо позиционирано лице од Србија.

„Во судењата за злосторствата извршени во Косово, постои евидентна тенденција да не се процесуираат високите официјални лица и да се избегне каква било државна одговорност за овие злосторства, а во исто време да се заштити и државата“, вели Костиќ за БИРН.

Таа додава дека обвинителството на Србија, во последните три години, не обвинило ниту едно лице за воени злосторства извршени во Косово.

„Во овој момент, кога станува збор за злосторствата извршени во Косово, нашиот правосуден систем го достигна врвот на незаинтересираноста“, изјави таа.

Недоверба во српските судови

Обвинителството за воени злосторства на Србија, кое е основано во 2003 година, до сега покрена осум случаи поврзани со Косово, од кои два се во фаза на судење. Првиот за убиствата во селата околу Пеќ, а вториот за убиствата во селото Трње.

Двата случаи, во последните неколку години, неколку пати се одложувани. Притоа, жртвите често мораа да патуваат и по 300 километри за да сведочат, за отпосле да дознаат дека рочиштата, всушност, се одложени. Некои сведоци, после ова, одбија повторно да се појават пред судот, со образложение дека се чувствуваат измамени од страна на српските судови.

Недовербата помеѓу жртвите и српското правосудство се зголеми во 2015 година, кога судовите во Србија им забранија на косовските адвокати да ги застапуваат жртвите пред овие институции, затоа што не се членови на Адвокатската комора на Србија. Забраната следеше по одлуката на ЕУЛЕКС да им забрани на адвокатите од Србија да ги застапуваат обвинетите во Косово.

Поради непостоење на официјална соработка помеѓу Белград и Приштина, вели Костиќ, процесирањето на воените злосторства трпи катастрофални последици.

„Немањето соработка, во најдобар случај, доведе до сериозни одложувања на истрагите, а во некои случаи, дури и до нивно блокирање. Обвинителството за воени злосторства на Србија, нема директни контакти со косовското правосудство, бидејќи Република Србија не го признава Косово како независна држава, па оттаму не ги признава ниту неговите институции“, објаснува Костиќ.

„Затоа, Србија прибира докази само преку ЕУЛЕКС“, додава таа.

Србија потпиша договор за соработка со ЕУЛЕКС, што, според Костиќ, не е адекватно решение, затоа што ЕУЛЕКС повеќе нема мандат за спроведување на истраги во Косово.

Со останатите земји во регионот, српското обвинителство има потпишано договори кои овозможуваат размена на докази, што доведе до значително зголемување на бројот на обвиненија во предметите пренесени од Хрватска и од БиХ.

Поранешниот шеф на ЕУЛЕКС, Габриел Меучи, во јуни минатата година за БИРН изјави, дека обвинителите од Србија и од Косово се состанале за да разговараат за соработка и дека е составен нацрт договор кој претставува, како што изјави, „голем чекор напред“.

Меѓутоа, поради фактот дека Србија веќе една година нема главен обвинител за воени злосторства, ова прашање не се очекува скоро да биде решено. Белград и Приштина разговараат за можни модели на соработка единствено во рамки на тековниот дијалог во Брисел, кој се одвива со посредство на ЕУ, но прашањата за воените злосторства и за исчезнатите лица, досега не се најдоа на дневен ред.

Гордана Ѓикановиќ, од Здружението на семејствата на косметските страдалници, изјави дека семејствата имаат добра соработка со здруженијата на албанските жртви и со правосудните институции во Србија и во Косово, но дека исходот е катастрофален.

„Никој не е адекватно осуден за злосторствата извршени врз Србите и неалбанското население. Беа подигнати неколку случаи, но казната беше или симболична или луѓето беа ослободени“, изјави Ѓикановиќ за БИРН.

„Имавме добра соработка со ЕУЛЕКС и со УНМИК, како и со семејствата на жртвите од Косово, и успеавме да ги мрднеме работите од мртва точка, па така дојде до процесирање на некои случаи, но тоа е многу мал број во однос на обемот на злосторствата“, додаде таа.

Нов суд, нова надеж

Новиот суд ќе биде сместен во некогашното седиште на Европол. Фото: Викимедиа комонс; ДенисХХ

Новиот суд ќе биде сместен во некогашното седиште на Европол. Фото: Викимедиа комонс; ДенисХХ

Бидејќи Косово обработува предмети против поранешни припадници на ОВК, затоа што овие лица им се достапни само на косовските правосудни институции, а Србија ги „лови“ поранешните борци на ОВК, само кога ќе ги поминат европските граници, предвидено е со сите овие случаи да се занимава новиот специјален суд, наречен Специјализирани совети и Специјализирано обвинителство на Косово, кое има седиште во Хаг.

Во Советите, кои започнуваат со работа оваа година, ангажирани се меѓународни обвинители и судии, кои својата работа ќе ја извршуваат во согласност со косовските закони.

Тие ќе бидат надлежни за судење на поранешните припадници на ОВК обвинети за убиства, за мачења и за други кршења на човекови права во Косово, во периодот помеѓу 1998 и 2000 година, извршени врз Србите, Ромите и Албанците, за кои се верувало дека се соработници на белградскиот режим и противници на раководството на ОВК.

ЕУ, со поддршка од САД, ги формира овие совети, сметајќи дека косовското правосудство не е во состојба да ги процесира случаите од висок профил, ниту да ги заштити сведоците.

Овој суд, исто како и во случаите кога пред локалните и пред меѓународните судови во Косово се процесира некој случај за воено злосторство, придонесе за поделби во заедниците. Едната страна, во формирањето на овој суд гледа последна надеж за правда, додека другата страна смета дека тој е пристрасна институција која има за цел да ја оспори праведната борба на Косово против српските сили.

„Нашите очекувања, во врска со новоформираните Специјални совети, се големи. На некој начин сме скептични, но немаме друг избор освен да веруваме дека нешто ќе се смени. Постојат докази, постојат сведоци, но и тие умираат, затоа што поминаа околу 18, 19 години од извршувањето на масовните злосторства, па има сѐ помалку и помалку луѓе кои биле очевидци“, изјави Ѓикановиќ.

Се очекува дека формирањето на новиот суд ќе предизвика сериозни превирања на косовската политичка сцена, бидејќи многу водечки личности на ОВК, денес имаат високи функции и големо влијание во многу сегменти, вклучувајќи ги и владата и бизнисот.

Она што создава дополнително незадоволство во Косово, е фактот дека ЕУ, која е клучен играч во администрирањето на поранешната српска покраина, му дозволува на Белград да се извлече со лоши резултати во процесирањето на воените злосторства.

Многу набљудувачи веруваат дека ЕУ молкум го смалува притисокот врз оваа држава на одредени полиња, како што се воените злосторства, затоа што Србија покажува подготвеност да седне на преговарачка маса со Косово.

Косовскиот писател, Шкелзен Гаши, им сугерира и на едната и на другата страна да се вратат на почеток и да ги „потврдат наводите за сите злосторства кои се случиле од јануари 1998 година до декември 2000 година“.

„Тоа би бил почеток. Потоа, потребен е судски процес кои, во име на двете страни, ќе го водат меѓународни обвинители и судии“, додава Гаши во изјавата за БИРН.

„И двете страни мораат да направат сѐ за да го решат прашањето за исчезнатите лица, Србија (да пронајде) околу 1.300 исчезнати Албанци, а Косово (да пронајде) 400 Срби“, изјави тој.

Меѓутоа, судејќи според реалната политика, постои мала веројатност ова да се случи, а изостанокот на соработка помеѓу Белград и Приштина, ќе ги остави семејствата на убиените или исчезнатите во војната, веројатно залудно, да ја чекаат правдата.

Свој придонес во текстот дадоа и Дие Морина, Миливоје Пантовиќ и Рон Ѓиновци.

Сторијата е објавена и на Балканска транзициска правда