Активистите за слобода на медиумите ги осудија смртните закани упатени до уредникот Леонард Керќуки, по емитувањето на неговиот документарен филм во кој се зборува за воените злосторства извршени над косовските Срби.
Пишува: Дие Морина / Приштина
Меѓународната организација „Репортери без граници“, ги повика во среда властите на Косово, да го заштитат Леонард Керќуки, главен и одговорен уредник на таблоидот „Газета експрес“, кој доби серија на смртни закани поради неговиот документарен филм за злосторствата извршени над Србите.
„Го осудуваме јавниот линч на Леонард Керќуки и ги повикуваме властите веднаш да преземат мерки за заштита на овој новинар и неговите колеги“, се вели во соопштението на програмскиот директор на „Репортери без граници“, Луси Морилон.
„Исто така, повикуваме да се спроведе истрага со цел да се идентификуваат оние кои се одговорни за овие закани и истите лица да бидат изведени пред суд“, додаде Морилон.
Последната емисија на Керќуки, „Зона Експрес“, емитувана на 23 октомври, беше посветена на злосторства извршени над косовските Срби и улогата што во нив ја имале поранешни припадници на Ослободителната војска на Косово, ОВК.
„Еден ден по емитувањето на документарецот на Керќуки, на Фејсбук страницата на ОВК, беше објавена фотомонтажа на која беше прикажано челото на Керќуки, изрешетано со куршуми во боите на српското знаме“, се вели во соопштението на „Репортери без граници“.
Заканите ги осудија и Мисијата на ОБСЕ во Косово и Здружението на новинари на Косово.
„Слободата на изразување мора да се заговара и да се почитува во сите околности“, изјави во вторникот, Јан Брату, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Косово.
Здружението на новинари на Косово соопшти дека упатувањето на „стотици“ смртни закани, не само кон Керќуки, туку и кон останатите кои работат на реализацијата на програмата, по емитувањето на емисијата, е „неприфатливо“.
Сепак, еден ден по емитувањето на емисијата, „Газета експрес“ му се извини на пратеникот и поранешен командант на ОВК, Фатмир Лимај и на неговото семејство, за, како што беше објавено, некоректното известување за неговиот случај во емисијата.
Случајот на Керќуки е последниот во серијата случаи поврзани со косовски новинари и јавни личности, кои добиле закани откако јавно го поставиле прашањето за улогата на ОВК, во злосторствата извршени за време на војната кон крајот на 90-тите.
Од друга страна, „Газета експрес“ беше вклучена во некои кампањи против новинари кои известуваа за ова прашање.
Овој медиум, сопственост на Берат Бужала, поранешен член на владејачката Демократска партија на Косово, ПДК, нападна дел од неговите политички противници од опозициското движење Ветевендосје (Самоопределување) и неколку независни медиуми.
Во јули 2015 година, БИРН објави истражувачки текст за профитабилниот договор за испорака на материјали за контроверзниот, една милијарда евра вреден, автопат Приштина-Тирана, што без многу зборување ѝ беше даден на компанија тесно поврзана со ПДК и сопственикот на „Газета експрес“, Бужала.
Еден месец подоцна, откако БИРН Косово објави извештај кој откри дека премиерот на Косово, Иса Мустафа, ѝ го доделил тендерот за поправка на владините автомобили на компанијата во сопственост на неговиот син, „Газета експрес“ објави серија критички написи, насочени кон Фаик Испахиу, извршен продуцент на емисијата на БИРН, „Јета не Косове“.
Откако на една од социјалните мрежи Испахиу постави фотографија од форум во Виена, на која тој е во друштво со српскиот премиер, Александар Вучиќ, и албанскиот премиер, Еди Рама, „Газета експрес“ објави дека открила оти Испахиу е српски шпион.
Овој медиум го обвини Испахиу и за соработка со новинарите од Србија, а БИРН Косово го опиша како организација под српско раководство, која е против Косово.
„Газета експрес“ во 2013 година, објави текст со кој го повика Фисник Исмаили, член на Самоопределување, да се дистанцира од својот татко, кој, како што беше објавено, работел со поранешниот југословенски претседател, Слободан Милошевиќ.
Исмаили во 2015 година, исто така, беше обвинет дека ја осудил независноста на Косово и оти истакнал дека Косово е дел од Србија.
Во март оваа година, пратеничката на Самоопределување, Албулена Хакхиу, ја тужеше „Газета експрес“ и некои други интернет портали во Косово, од кои побара 1,5 милион евра отштета, за објавување на текстови во кои се вели дека таа во своите гениталии, скрила канистер со солзавец, за да го прошверцува во парламентот.