Вести

Продолжен рок: БИРН обука за дигитални права за новинари

Што се дигитални права, кој и како ги прекршува, и зошто е важно да се следи и да се известува за нивната примена? Како да ги препознаете проблемите во оваа област, да подготвите стории и да добиете менторска и финансиска поддршка за нивната изработка и објавување?

БИРН организира тридневна обука наменета за новинари, a дизајнирана да одговори на зголемената загриженост за кршењето на дигиталните права на Балканот, обуката, која ќе се одржи во Маврово од 08-10 јуни 2023 година, ќе им овозможи на учесниците сеопфатно разбирање на дигиталните права, фокусирајќи се на пријавување прекршувања, блокирање содржини, манипулации и пропаганда во дигиталната област.

Поради брзиот развој на технологијата од суштинско значење е новинарите да останат во тек со најновите методи и стратегии за откривање и соодветно известување за кршењето на дигиталните права. Бројни извештаи од меѓународни организации за човекови права, медиумски организации, граѓански организации и меѓународни институции укажуваат на загрижувачка ситуација во однос на дигиталните права на Балканот, нагласувајќи ја потребата од континуирани напори за подобрување на заштитата и промоцијата на овие права, но и за подобрување на новинарските способности за креирање соодветен извештај за овие прашања. И покрај тоа што многу земји од регионот имаат регулаторни рамки кои формално ги решаваат овие прашања, предизвиците и понатаму постојат, како што се онлајн надзорот, цензурата и прашањата за приватноста на податоците.

Честите сајбер напади и онлајн вознемирување, исто така, ја загрозуваат безбедноста и на многумина вклучувајќи ги и новинарите, кои често се мета на онлајн напади. Сепак, многу новинари од регионот можеби не се целосно свесни за степенот на прекршување на дигиталните права или за основните правни и технолошки аспекти кои водат до вакви прекршувања.

Обуката на БИРН ќе им овозможи на десет избрани новинари од Северна Македонија сеопфатно да ги разберат релевантните прашања, помагајќи им да ги идентификуваат и поефикасно да известуваат за кршењето на дигиталните права. Новинарите играат клучна улога во подигањето на јавната свест и во поттикнувањето на промени. Со оваа обука тие ќе стекнат потребни вештини и знаења и ќе им се овозможи да продуцираат влијателни стории кои можат да придонесат за поинформирана јавна дебата и на крајот да доведат до промени на политиките кои ги штитат и промовираат дигиталните права на Балканот.

Кој може да аплицира?

Сите новинари од Северна Македонија кои покажуваат интерес во областа на дигиталните права и поседуваат претходно новинарско искуство. Комисијата ќе ги оцени апликациите и ќе избере десет (10) новинари кои ќе учествуваат на обуката.

Како да аплицирате?

За да аплицирате, доставете го следниот формулар за апликација заедно со вашето CV најдоцна до 31 мај 2023 со наслов: Обука за дигитални права за новинари на [email protected].

Место и датум:                                                                 

Обуката ќе се одржи во Маврово 08-10 јуни 2023 година. Организаторите целосно ќе ги покријат трошоците за сместување, храна и превоз за сите учесници. Работен јазик на обуката е македонски и српски.

Што да очекувате од обуката?

Обуката ќе им обезбеди на избраните новинари основни вештини и знаења за ефективно да истражуваат и известуваат за кршење на дигиталните права во сферата на динамичното напредување на технологијата. Обуката ќе опфати различни аспекти на известувањето за дигиталните права, вклучително и идентификување и собирање прекршувања на дигиталните права, категоризирање на овие повреди и известување за поединечни случаи и пошироки трендови.

Обуката ќе понуди вредни едукативни сознанија и ќе обезбеди можност за поврзување со колеги новинари и експерти кои работат во областа на дигиталните права.

Уникатна можност по обуката

По завршувањето на обуката, новинарите ќе имаат можност да ги пренесат своите идеи за стории до БИРН. Избраните новинари ќе добијат менторство на работното место и финансиска поддршка за истражување и примена на нивните новостекнати вештини за спроведување на нивните идеи за случаи кои вклучуваат прекршување, блокирање содржина, филтрирање, манипулации и пропаганда во дигиталната средина.