Евреите, Србите и антифашистите од Хрватска, повторно ја бојкотираа државната комеморација за жртвите од концентрациониот логор Јасеновац, со образложение дека Владата ги толерира профашистичките активности.
Организацијата, Координација на еврејските општини во Хрватска, во понеделник им оддаде почит на жртвите од концентрациониот логор Јасеновац, откако ја бојкотираше државната комеморација која се одржа во текот на викендот, поради, како што се наведува, толерантниот однос на власта кон активностите на фашистичките симпатизери.
Припадниците на хрватската еврејската заедница, која брои околу 2.000 членови, им оддадоа почит на жртвите на местото на поранешниот логор, во централна Хрватска, паралелно со одбележувањето на Денот на сеќавањето на жртвите од холокаустот, Јом Хашоа.
Координацијата уште минатиот месец најави бојкот на државната комеморација, поради попустливиот однос на Владата кон поддржувачите на профашистичкиот усташки режим.
Оваа организација, од истата причина, ја бојкотираше државната комеморација по повод Меѓународниот ден на сеќавањето на холокаустот, која се одржа во јануари, како и минатогодишната државна комеморација во Јасеновац.
Овогодишната, пак, се одржа во неделата, а на неа беа присутни хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и неколку министри на хрватската влада. Втора година по ред, изостана официјален говор, а во програмата беа вклучени само религиозни церемонии, сведочења на затвореници и читање на поезија.
„Денес … заедно со колегите министри, дојдов во спомен-подрачјето Јасеновац, за да можеме уште еднаш да ја изразиме почитта кон сите жртви од овој концентрационен логор, да ги осудиме злосторствата извршени за време на усташкиот режим, не само тука, туку и на други места на кои беа извршени злосторства, за уште еднаш да повториме дека целта на модерна, демократска Република Хрватска, е ваквите злосторства никогаш да не се повторат“, рече Пленковиќ по церемонијата.
На неговата влада ѝ беа упатени критики бидејќи не ја отстрани контроверзната спомен-плоча во Јасеновац.
На спомен-плочата, која беше поставена од припадниците на Хрватските одбранбени сили (ХОС), е врежан усташкиот слоган „За дом спремни“. Специјалниот американски претставник за холокаустот, Том Јаздгерди, рече дека спомен-плочата „ е особено навредлива за оние кои го преживеале холокаустот и за нивните семејства“.
Слоганот „За дом спремни“ стои на официјалниот грб на Здружението на ветерани на ХОС.
Во текот на комеморацијата на која присуствуваше државниот врв на Хрватска, пет демонстранти, антифашисти, држеа транспарент: „Отстранете го усташкиот поздрав“.
Кога беше прашан за транспарентот, Пленковиќ одговори: „Грбот е легализиран и е дозволен пред многу, многу години, потврден е од влади на различни политички опции“.
Тој, сепак, прифати дека поставувањето на спомен-плочата во Јасеновац предизвикало контроверзии и додаде дека неодамна формираниот Совет за справување со последиците од владеењето на недемократските режими, ќе се обиде да најде начин да го регулира ова прашање.
Во саботата се одржа уште еден комеморација. Српскиот премиер, Александар Вучиќ, официјални претставници на босанскиот ентитет, Република Српска, и претставници на Српската православна црква, им оддадоа почит на жртвите од овој логор во соседна Босна и Херцеговина, на местото на кое се наоѓал дел од комплексот Јасеновац.
Вучиќ во својот говор истакна дека денес постои обид „за заживување на усташката идеологија“.
Државната комеморација ја бојкотираа и Српскиот национален совет, и Сојузот на антифашистички борци и антифашисти, кои во саботата одржа своја комеморација.
На комеморацијата присуствуваа неколку илјади луѓе, за разлика од стотиците присутни на државната. Меѓу присутните амбасадори на странски држави, беше и американската амбасадорка во Загреб, Јулиета Валс Нојс.
„Нема да дозволиме да победи историскиот ревизионизам, кој пушти длабоки корени во денешна Хрватска, а чија крајна цел е победниците од Втората светска војна да ги претвори во поразени злосторници, и оние кои, всушност, беа поразени и кои докажано беа злосторници, во национални херои“, рече на комеморацијата претседателот на Сојузот на антифашистички борци и антифашисти, Фрањо Хабулин.
Во текот на оваа комеморација, неколку поранешни членови на ХОС застана на местото на спомен-плочата во Јасеновац, држејќи го официјалното знаме на здружението, извикувајќи „За дом спремни“.
Според научно потврдениот список на Меморијалниот центар Јасеновац, во кој секоја жртва е воведена со свое име и презиме, од август 1941 година, до април 1945, биле убиени или починале 83.145 лица.
Од нив, 47.627 биле Срби, 16.173 Роми, 13.116 Евреи, 4.225 Хрвати (антифашисти и вистински или претпоставени непријатели на режимот) и други.
Околу 30.000 од 40.000 Евреи колку што пред Втората светска војна живееле на територијата што за време на војната била ставена под усташка контрола, биле убиени во Јасеновац, или во други места во Хрватска и во Босна и Херцеговина, или пак биле префрлени во нацистичките логори на смртта, главно во Аушвиц.