Вести

Сите се жалат на пресудата за „Рекет“

На речиси 180 страници, судијката Васка Николовска-Масевска ја напишала пресудата за случајот „Рекет“, која беше изречена во јуни, а доставена до странките, потврдија за БИРН од Обвинителството.

Адвокатите на екс-шефицата на СЈО, Катица Јанева, пак, за БИРН потврдија дека ја добиле пресудата и на педесетина страници ги напишале сите жалбени наоди за судската постапка и ги доставиле до судот на одлучување.

Апелациониот суд претходно веќе му ја потврди пресудата на Зоран Милевски, а предметот го врати на повторно одлучување само во делот на одлуката за одземени предмети.

Од друга страна, шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, за БИРН потврди дека и тие поднеле жалба на пресудата и за Јанева и за Бојан Јовановски.

Вкупната затворска казна за случајот е 19 години. Сега на ред е скопска Апелација, која треба да одлучи.

Додека трае сево ова, на обвинителна клупа следната недела повторно во судот би требало да седне  Боки 13, кој вчера е опериран поради проблеми со желудникот.

Катица Јанева, како приватен тужител во март му поднесе приватна кривична тужба и бара да одговара бидејќи неовластено ја снимил во нејзиниот дом, а в понеделник 14 септември е закажано првото рочиште.

Од доказите што беа изведени во предметот „Рекет“ се гледаше дека Јанева е фотографирана и снимена во нејзиниот дом со телефонот на Јовановски, а пред неа има врзоп пари.

Снимките беа понудени како доказ од вештачењето на телефонот на Јовановски, а на сликите Јанева не гледа во телефонот со кој е фотографирана.

„На фотографијата направена на 4 февруари 2019 се гледа Катица Јанева како во својот дом седи на гарнитура. На масата има снопче пари, во евра, слатки работи, банкноти од по 500 евра“, рече тогаш обвинителката Ивана Трајчева.

Според Кривичниот законик, ако Јовановски биде осуден му се заканува парична казна или затвор до една година.