Вести

Бивша советничка на Груевски ја реформира Антикорупциската комисија

Антикорупционерите положија заклетва, но не се прославија со борба против корупцијата

Иако и претходно не се прославија со отворање големи случаи на организиран криминал и корупција, последниве два и пол месеци, Антикорупциската комисија како да го допре дното. Со двајца, наместо со седум членови и генерален секретар кој е поранешен советник на Никола Груевски, институцијата која треба да биде прв столб во борбата против криминалот и корупцијата, тапка во место чекајќи нов закон кој би го оправдал постоењето на вакво тело.

Најдо Спасевски и Сузана Таскова Аџикотарева, последните двајца антикорупционери од овој состав, не одговараа на нашите повици, кога сакавме да прашаме што работат во моментов во Комисијата, со оглед на тоа што во соопштението од 29 март годинава стои дека „со оглед на тоа што Собранието донело Одлука за разрешување членови на ДКСК, со која се разрешени од функцијата пет членови на ДКСК, во претстојниот период нема можност да одлучува и да решава по однос на доставените барања и пријави од странките“.

Антикорупциска комисија со двајца членови

Ова значи дека ДКСК не одржува седници, не утврдува конфликт на интереси кај функционери, не одговара на барања за слободен пристап до информации од јавен карактер, не одлучува по претставки од граѓани, па дури ни на телефонскиот број за контакт на Комисијата не се јавува никој, а отсуствува и годишниот извештај за нивната работа за 2017 година.

Веб- порталот „Сакам да кажам“, повикувајќи се на евиденции од службите на ДКСК, објави дека Таскова Аџикотарева потрошила 37 илјади денари само за такси за да доаѓа на работа, а Спасевски не се појавил на 50 од вкупно 250 одржани седници без да достави образложение зошто не може да присуствува.

И покрај ова, двајцата одбија да дадат оставки, бидејќи не се препознале во ревизорските извештаи на УЈП. 

Генералниот секретар на ДКСК е поранешен советник на Груевски

Розета Трајан на денешната дискусија организиран од Институтот за европска политика (ЕПИ) | Фото: Фејсбук страница на ЕПИ

Иако не ја врши работата за која што е основана, Комисијата последниве два месеци активно се вклучува во панел дискусии и тркалезни маси. На панел дискусијата  „Модели на антикорупциски тела“ во име на ДКСК се обрати генералниот секретар Розета Трајан, а минатиот месец антикорупционерите присуствуваа на обука за обучувачи на тема „Заштита на укажувачите”.   

Денеска, пак, Розета Трајан учествуваше на дискусијата „Како до ефикасна борба против корупцијата?“ на Институтот за европска политика, на која учествуваа и претставници од Владата, меѓу кои и премиерот Зоран Заев, Ленче Ристоска од СЈО, како и претставници од невладини и меѓународни организации. 

Инаку, Трајан беше долгогодишна советничка на поранешниот премиер Никола Груевски.

На списокот на советници што го објави актуелната Влада на СДСМ за своите претходници, можеа да се видат и имињата на Розета Видоеска и Розета Трајан. Всушност, станува збор за истата личност, која во меѓувреме го сменила презимето, а во Владата на Груевски била ангажирана уште од 2012 година, прво со авторски договор, а од 2015 година како државен советник за правни прашања. На оваа позиција Розета Трајан останува до 2016 година, а пред ВМРО-ДПМНЕ да ја загуби власта, таа преминува во Антикорупциската комисија како генерален секретар. Токму во тој период, Трајан врши уште една функција – во ноември 2016 година станува член на Управниот одбор на ЈП Македонска радиофузија и на позицијата останува до февруари 2017, кога самата се повлекува.

Во март годинава, Трајан можевме да ја видиме и со Кочо Анѓушев, заменик претседател во Владата задолжен за економски прашања, како дебатира на конференцијата на МЦМС на тема „Борбата против корупцијата – предизвик за заедничко делување на граѓаните и институциите“. Минатиот месец, пак, Трајан седеше до заменик министерот за правда, Оливер Ристовски, на панел-дискусијата за различни модели на антикорупциски тела.

Како што пренесоа медиумите,  таа со доза на критика настапила кон актуелниот состав, тврдејќи дека „по реакциите на јавноста, пет члена на Комисијата си дадоа оставки, што покажало дека неефикaсно ја вршела функцијата на регулаторно тело, и дека една од причините е што во законите има оставено простор со кој регулаторните тела не можат да си ја вршат работата непристрасно“.

Антикорупцијата ќе се јакне на хартија

Во антикорупциска, антимонополска, антидискриминаторска, сите тие институции кои треба да ја контролираат власта, нема место за политички кадри, рече Заев минатата недела

Мандатот на актуелниот состав од два члена во Комисијата истекува во април наредната година, а во тек се дебати за наоѓање соодветен модел на Антикорупциска комисија, ослободена од политички влијанија и промена на законите кои ја регулираат оваа сфера. За да се случи сето тоа, потребно е време, па повеќе од очигледно е дека членовите кои не поднесоа оставки, ќе земаат плата уште долго време без да ги вршат функциите за кои се назначени.

Премиерот Зоран Заев во неколку наврати изјави дека се работи на новиот закон за антикорупција, а се чини дека веќе го знае и профилот на членовите, кои како што вели, не смеат да бидат политичари.

„Од сега кажувам, немојте да кажете зошто пак земате граѓански активисти. Таму политичари не треба да има. Во антикорупциска, антимонополска, антидискриминаторска, сите тие институции кои треба да ја контролираат власта, нема место за политички кадри. Не сме деца, да поставиме луѓе од СДСМ, па тие да треба да ја контролираат власта – никогаш тоа нема да се случи. Тие треба да бидат независни интелектуалци и експерти“, рече Заев минатата недела.

И додека се чека на новите законски измени и наоѓање соодветни решенија за конечно да профункционира институцијата која долги години служеше само за да гони политички опоненти, а не претставници од власта, ќе ги гледаме празните чекори на Антикорупциската комисија во која само (не) работат двајца членови.