Регион

Српската кралска академија најави тужба против НАТО

Српската кралска академија на научници и уметници, формира правен тим и најави дека ќе поднесе тужба против НАТО, бидејќи Алијансата, за време на бомбардирањето на Југославија во 1999 година, користела осиромашен ураниум.

Зградата на центарот Ушќе во Белград, беше бомбардирана на 21 април 1999 година

Пишува: Маја Живановиќ, Белград

Во случајот што ќе биде покренат против земјите членки на НАТО, тим од меѓународни правни експерти ќе ги претставуваат граѓаните на Србија, кои, како резултат на бомбардирањето во 1999 година, боледуваат од рак, изјави за БИРН, претседателот на Српската кралска академија, Срѓан Ного.

„Формиравме тим од експерти од Србија и од странство, и веќе имаме околу 50 заинтересирани лица од Ниш, со, на прв поглед, релевантни медицински досиеја“, вели Ного.

„Јас не сум лекар, па не можам да кажам дека се болни како последица на бомбардирањето на НАТО, така што прво лекарите ќе треба да ја проверат документацијата“, додаде тој.

Како што истакна, правниот тим брои 26 адвокати и професори од Србија, Германија, Франција, Италија, Русија, Кина, Велика Британија и од Турција.

НАТО, на 24 март 1999 година, без поддршка на Советот за безбедност на ООН, започна со воздушни напади на Србија, откако тогашниот југословенски претседател, Слободан Милошевиќ, одби да потпише мировен договор, со кој би се прекинале насилствата на српските сили над косовските Албанци кои бараа независност.

Милошевиќ, 78 дена подоцна го потпиша договорот, кој го олесни влегувањето на НАТО во Косово. За време на нападот, според информациите на Хјуман рајтс воч, убиени се околу 500 цивили.

Европски невладини организации сметаат дека употребата на осиромашен ураниум е причина за смртта на десетици италијански војници кои учествуваа во мисијата во Косово.

Според Министерството за здравство на Република Србија, вели Ного, секој ден во оваа држава од рак заболува по едно дете и токму тоа е причината за иницијативата на Академијата.

Објаснува дека тужбата ќе биде поднесена пред националните судови на земјите членки на НАТО и дека едно од барањата ќе биде и барањето за помош во лекувањето на пациентите со рак во Србија.

Ного тврди дека може да се идентификува која земја членка на НАТО, за кој напад на одредена област е одговорна.

„Се знае кој авион, кој дел од Србија го бомбардирал. На пример, познато е дека француски авион фрли бомба во езерото Палиќ“, потенцира тој.

Додава дека Академијата ќе упати апел до Србите кои живеат во странство, да донираат средства за оваа иницијатива и дека членовите на експертскиот тим ќе работат про боно.

„Не сакаме да предизвикаме омраза или зло, само сакаме достоинство за граѓаните на Србија“, вели тој.

Истакна дека не очекуваат никаква финансиска поддршка од државата.

Како што тој објаснува, иницијативата добила благослов и од српскиот патријарх, но од Српската православна црква за БИРН велат дека тоа не е точно.

Српската кралска академија смета дека е наследник на Српската кралска академија, основана во 1886 година, која постоела сѐ до доаѓањето на комунистите на власт.

Целите на Академијата се, како што посочуваат, „подобрување на постоечките услови потребни за материјална и духовна преродба и на нацијата, и на државата“.