Регион

Станишиќ негираше дека имал контрола над Аркан

Во продолжение на судењето пред судот на ООН во Хаг, адвокатот на поранешниот шеф на Службата за државна безбедност (СДБ) на Србија, Јовица Станишиќ, рече дека изјавата на сведокот, оти Станишиќ му бил шеф на Аркан, не е вистина.

Радоша Милутиновиќ, Белград

Јовица Станишиќ во судница. Фото: ММКТ

Одбраната на Станишиќ, пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали (MМКТ) во Хаг, го оспори сведочењето на сведокот, Боривоје Савиќ, според кого, во мај 1991 година, Жељко Ражнатовиќ Аркан, во Белград му рекол дека Станишиќ е негов шеф.

За време на вкрстеното испрашување, бранителот на Станишиќ, Вејн Џордаш, рече дека Савиќ, во средината на мај 1991 година, не бил во можност да зборува со Ражнатовиќ во Белград, бидејќи Ражнатовиќ бил во затвор во Загреб.

Џордаш на сведокот му предочи документ од судот во Загреб, во кој стои дека Ражнатовиќ се наоѓал во затвор до 14 јуни 1991 година.

Савиќ одговори дека е можно разговорот да бил воден еден месец подоцна.

„Дозволувам времето да се смени, но мојата изјава е вистинита”, рече сведокот.

Савиќ сведочи на повторното судење на Станишиќ, кој во 1992 година станал шеф на СДБ на Србија и на неговиот помошник, Франко Симатовиќ, познат како Френки.

Тие се обвинети за прогон, убиства, депортација и насилна преселба на цивили, Хрвати и муслимани, за време на војните во Хрватска и во БиХ, во периодот 1991-1995 година.

Злосторствата за кои се обвинети Станишиќ и Симатовиќ биле извршени, според обвинителите, во рамките на здружен злосторнички потфат, на чие чело бил тогашниот српски претседател, Слободан Милошевиќ, а чија цел била трајно и насилно отстранување на Хрватите и на муслиманите од големи делови на територијата на Хрватска и на БиХ, со цел да се постигне српска доминација.

Џордаш докажуваше дека Станишиќ не го контролирал Ражнатовиќ и со изјавата на тогашниот министер за одбрана на Србија, Томислав Симовиќ, дека единицата на Ражнатовиќ била „дел од територијалната одбрана” и дека „ги координирала акциите со Југословенската народна армија” (ЈНА).

Сведокот изјави дека ова не е точно.

„Ова е перење и симнување на одговорноста од себе, наместено интервју”, коментираше Савиќ.

Во декември минатата година, откако Апелацискиот совет на Хашкиот трибунал ја отфрли првостепената ослободителна пресуда која што им беше изречена, тие се изјаснија за невини по обвинението.

Советот процени дека имало погрешна примена и толкување на законот, кога Станишиќ и Симатовиќ беа ослободени од обвиненијата. Тој наложи процесот да се обнови и сите сведоци и докази да бидат повторно изведени пред нови судии.

Судењето на Станишиќ и Симатовиќ ќе продолжи во вторник.

Објавено и на Балканска транзициска правда