Регион

Започна судење поради палење на куќи во хрватско село во војната во 90-тите

Во Загреб започна судење на тројца поранешни припадници на силите на хрватските Срби, на кои во отсуство им се суди за палење на куќи во селото Нова Дренчина, централна Хрватска, во 1991 година.

Свен Милекиќ, Загреб

Судењето на Никола Лаѓевиќ, Предраг Радишиќ и Деан Тишма, поранешни членови на 2. баталјон на вооружените сили на самопрогласената Република Српска Краина (РСК), започна во четвртокот пред Окружниот суд во Загреб.

Тие се обвинети дека во октомври 1991 година, ги палеле и уништувале куќите во селото Нова Дренчина, чие население речиси во целост било од хрватска националност.

Им се суди во отсуство, а се претпоставува дека живеат во Србија.

Лаѓевиќ бил командант на вод, а Радишиќ и Тишма негови подредени, кога српските сили на 6 октомври 1991 година, го нападнале селото, откако хрватската одбрана на градот Петриња, во чија близина се наоѓа селото, била разбиена.

Според сведоците, поранешни припадници на хрватската војска (ХВ), српските сили го нападнале селото, при што палеле куќи и плевни. Според сведоците, куќите биле уништувани и со тенкови.

Припадниците на ХВ прво се повлекле, а подоцна се вратиле и го нашле селото полу уништено.

Следел втор напад на српските сили, кога околу 80 од 120 куќи колку што имало во селото, биле запалени.

Две постари жени од хрватска националност, изјавија дека го преживеале нападот. Српските сили ја заробиле едната од нив, но набрзо ја пуштиле.

Во четвртокот, пред судот сведочеа четворица сведоци, кои рекоа оти не виделе како обвинетите ги палат куќите.

Сепак, сведоците, поранешни припадници на ХВ, нагласија дека обвинетите биле припадници на српските сили и ги препознаа Радишиќ и Tишма на фотографиите кои им ги покажа државниот обвинител.

На некои фотографии, на кои Тишма е фотографиран со својот брат, чие име не беше откриено, кој е на слична возраст како и обвинетиот, сведоците не можеа да препознаат кој е кој.

На други пак Радишиќ пали куќи, но непознато е кога овие фотографии биле снимени.

На трети, пак, обвинетите, заедно со другите српски војници, се фотографирале со српскиот командант, Драган Васиљковиќ, познат како капетан Драган.

Судењето продолжува на 29 септември, кога се очекува да сведочат нови четворица сведоци.