Вести

Втор ден луѓе на улица против полициската бруталност

Полицијата денеска не дозволи демонстрантите да се соберат пред Владата и затоа неколкуте илјади револтирани граѓани се упатија пред Собранието каде собирот помина мирно, иако имаше тензии.

panorama

 

Неколку илјади претежно млади луѓе попладнево се собраа пред Собранието револтирани поради прикривањето на убиството на Мартин Нешкоски во 2011 година, откако полициските специјалци точно во 18 часот херметички ги затворија сите приоди до Владата каде беше закажан собирот.

ebr vlada

Протестот мина воглавно мирно, иако во неколку наврати членовите на навивачките групи фрлаа со пластични и со стаклени шишиња врз специјалците, меѓутоа дваесетина млади девојки се фатија рака за рака, формираа жив штит пред полицискиот кордон и спречија поголем инцидент.

“Провокатори, одете си дома”, им довикуваа девојките на момчињата со качулки на главите и со камења во рацете.

Демонстрантите денеска дополнително беа поттикнати од синоќешната реакција на полицијата кога специјалците го задушија протестот пред Владата и во акцијата приведоа триесет демонстранти.

Новите протести за убиството на Мартин Нешкоски еруптираа откако во вторникот лидерот на СДСМ, Зоран Заев објави серија на снимени телефонски разговори со која, според него, се докажува дека власта свесно го прикривала убиството на 21-годишниот Нешкоски.

Мартин беше брутално претепан до смрт од полицискиот специјалец Игор Спасов на скопскиот плоштад за време на прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ на 5 јуни 2011 година, а МВР дури два дена подоцна излезе со конкретна информација за инцидентот.

Вечерва собраниската и новата црвена барокна фасада на Министерството за правда на „Рекорд“ добија по неколку јајца, исто како и зградата на Владата во вчерашните немири.

Револтираните демонстранти, кои главно беа млади лица меѓу 20 и 30 години, членови на Студентскиот пленум, но и граѓани и активисти и јавни личности бараа оставка од министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска која ја сметаат за одговорна за прикривањето на убиството на Нешкоски.

sednati protestiraat

Тие порачаа дека секој ден во шест часот ќе се собираат пред Собранието додека таа не се повлече од функцијата и извикуваа: „Нема правда, нема мир“, „Стоп за полициската бруталност“ и „Убијци, убијци“!

„Се собравме и денеска во голем број, ќе се собереме и утре се додека не заврши случајот со Мартин, додека не се обезбеди командна одговорност за убиството. Не бараме ни повеќе ни помалку од тоа. Со ‘бомбите’ увидовме дека се вмешани сите од врхушката“, порача денеска братот на Мартин, Александар Нешкоски, обраќајќи им се на присутните.

На протестот се појави и заменик-претседателката на опозициската СДСМ, Радмила Шекеринска која прошета пред кордонот со полицијајци пред Собранието придружувана од генералниот секретар на партијата Оливер Спасовски и уште неколку пратеници од опозицијата.

sekerinska

Протестот заврши околу 23 часот, меѓутоа во главниот град се уште има силно полициско присуство, особено пред зградата на Владата каде се стационирани специјални единици засилени со водени топови и оклопни возила. Собранието го обезбедуваа неколку стотици припадници на полициската Единица за брзо распоредување (ЕБР).