Кашлаш ли мирно, Груевски Никола?

Колумна на Сашо Кокаланов

Навидум вообичен ден во неделникот „Република“. Неколку разговори преку Скајп со сопствениците од Белизе, неколку преземени текстови од „Курир“, пренесени две-три соопштенија од партијата, објавени сите договорени коментари против опозицијата, елката накитена, исто и сметката… Накратко – здодевно празнично претпладне.

Добро, се шегувам за Скајп-разговорите со сопствениците од Белизе, тие им се непознати дури и на уредниците, но другото беше горе-долу така како што е опишано, кога неочекувано заѕвони црвениот фиксен телефон. Новинарите се погледнаа, измешани чувства на страв и возбуда им се читаа од погледите, тој број го знаат во штабот на… О, господе, зарем е можно!

Да, можно е! Женски глас, кој би можел да ѝ припаѓа само на личната секретарка на големиот водач и татко на партијата, кратко им вели: „Претседателот е расположен да ви даде мегаинтервју. Потребна е итна средба со уредникот на тајна локација“.

Уредникот добива координати, средбата е закажана некаде во близина на врвот Солунска глава, далеку од очите на Сорос и на ЦИА, каде што главниот на редакцијата по неколку часови чекање конечно го дочекува хеликоптерот со Иво Котевски за натамошни инструкции. Условите за мегаинтервју се следни – да, „Република“ ќе го добие бараното интервју, но само ако прашањата и одговорите ги состави лично големиот водач.

„Баш истово и јас би го прашал“, прокоментира уредникот, кој сепак сакаше да остане анонимен и при објавувањето на интервјуто, за да не стане цел на агентите на ЦИА

„Добро, но што ако испадне предолго?“, едвај изустува уредникот, чиј идентитет заради негова лична заштита нема да биде објавен.

Котевски не го очекува ова прашање. Преку специјално токи-воки на фреквенции што не ги фаќаат радарите на Сорос, ЦИА и на останатите странски служби, тој се консултира со Илија Димовски („Идиотиве прашуваат што ако е предолго“), а по краткиот разговор, отсечно одговара на прашањето:

„Ако е предолго, ќе го објавите во продолжетоци“.

Потоа влегува во хеликоптерот и исчезнува од локацијата. Уредникот се враќа во редакцијата. Им ја соопштува радосната вест: „Ќе имаме мегаинтервју!“ На неколку негови помлади колеги почнуваат да им се тресат колената од трема, наросени се со пот од возбуда и челата на поискусните. Добиено е интервјуто на векот!

Им ги соопштува и принципите на партијата за самоиспрашување. Има еден помлад што негодува, но го убедуваат дека најдобро е така, зашто ако самите ги подготвуваат прашањата, можеби ќе погрешат некое и ќе останат без работа, а така ќе ги пропуштат сите следни мегаинтервјуа со водачот во иднина.

По извесно време, факсот, за кои веруваа дека е некаков музејски експонат во редакцијата, одеднаш проработе. Излезе од него некаков криптиран текст кој, благодарение на светите книги од Ниче Македон, веднаш беше дешифриран. Беа тоа прашањата за интервјуто. Каде бевте за Нова година? Значи и Вие одморивте малку? Која книга ја читавте? Што најмногу Ви се допадна во неа? Како со кашлањето, намаливте ли? Секоја есен-зима Ве слушаме како многу кашлате? Дали Ви открија на што сте алергичен? Можно ли е тоа да е од загадениот воздух?..

„Баш истово и јас би го прашал“, прокоментира уредникот, кој сепак сакаше да остане анонимен и при објавувањето на интервјуто, за да не стане цел на агентите на ЦИА, кои кога не пијат кафе на „Аминта Трети“, секогаш се моткаат околу Владата, во чија близина е и редакцијата на „Република“.

И навистина, си помислија сите во „Република“, што друго да го прашаш човекот обвинет за нарачка на насилство на политички противници, осомничен за изборен криминал, корупција, прислушување на 20.000 граѓани, човекот кого го чувме како бара 20 милиони евра провизија од Кинезите, како купува плацеви на Водно, нарачува мерцедес од 600.000 евра, човекот за кого се верува дека заедно со братучедот овозможиле од Македонија да се одлеат на црно 5 милијарди долари, притоа доведувајќи ја земјата на просјачки стап со преку половина милион жители под прагот на сиромаштијата, човекот кој бараше 63, а доби 51 пратеник, кој ја градеше својата предизборна приказна врз синтагмата „клетите Шиптари“, а сега седи на коленото на Али Ахмети и чека да биде погален, човекот против кого гласаа преку 600.000 гласачи, конечно, што друго да го прашате човекот кој инспирираше некролози за странски амбасадори, освен – како сте со кашлицата и на што сте алергичен во сезоната есен/зима?

„Дури и да ми дозволат да поставам некое прашање, навистина не би знаел што да додадам. Погледнете, и потпрашањата се на место, сите до едно“, искоментира уредникот, одново и одново читајќи ги прашањата на глас.

Сепак, иако прашањата самиот ги постави, големиот водач побара ден-два за добро да ги промисли одговорите. Мегаинтервју не е заебанција.

По два дена чекање, факсот почна да принта, се истурија цели ролни хартија, водачот навистина имаше многу што да ѝ порача на нацијата за својата кашлица, но и за непријателите од НВО-секторот.

Прекрасни одговори, помислија сите во „Република“. Како што му доликува на еден голем водач. Одморал, но со мислите „работел максимално“. Ја прочитал „Повторно величествена“ од Доналд Трамп („Како се сликав со Хилари“ ја немало во библиотека). Почнал да ја пие терапијата. Го победил Сорос на избори. Почнал да верува во списите објавени во „Викиликс“, но не стасал до сопствените транскрипти за тајниот мајски договор со Али Ахмети и договарањето на двојазичноста (тука уредникот на „Република“ едвај се воздржа да не потпраша, за волја на вистината имаше неколку спремни потпрашања, но му беше незгодно да ја прекине факс-машината во нејзината работа).

Водачот потоа вети дека ако повторно стане премиер, со парите на граѓаните ќе финансира свој НВО сектор за да му се спротивстави на Сорос. Се осврна на корумпираните медиуми и новинари, притоа вешто избегнувајќи самиот себеси да си постави потпрашање – кој тоа ги корумпира медиумите, зошто сме неслободна земја според сите релевантни меѓународни организации и како се прават куртон-вести со пет од седум прилози нарачани од Владата. А врв на забеганост беше кога си одговори самиот себеси со – „прашањето ви е на место и тука сте делумно во право“.

Илјадници луѓе се на веб страницата на „Република“ и го стискаат копчето Ф5 на тастатурите за да ја рефрешираат страницата

Мегаинтервјуто почна да се објавува и нема (странска) сила што може да го запре. Јавноста сега со нетрпение ги очекува следните продолженија. Илјадници луѓе се на веб страницата на „Република“ и го стискаат копчето Ф5 на тастатурите за да ја рефрешираат страницата.

Така, уште еден филмски заплет од правење новинарско интервју е зад нас. За овој историски миг ќе се пишуваат сценарија, ќе продолжи традицијата на правење холивудски мега-хитови со интервјуа како централни приказни и со новинари во главните улоги.

Сѐ уште се памети „Интервју со вампирот“ од 1994, во кој новинарот од Сан Франциско (Кристијан Слејтер) добива задача да го интервјуира вампирот (Бред Пит), кој се исповеда за својата мачна судбина и за животот во 18 век кога станал тоа што е, откако бил гризнат од друг вампир (Том Круз). Две номинации за Оскар и една за Златен глобус.

Потоа во 2003 се сними холандската драма „Интервју“ во која дописник од воени жаришта е принуден да направи интервју со актерка на сапунска опера поради сплет на околности неважен за овој текст. Стив Бушеми направи добар римејк во 2007.

А следната 2008 година, конечно, едно политичко интервју го освојува филмското платно! „Фрост/Никсон“, приказна за интервјуто на векот, како што многумина го нарекуваат овој вистински историски настан кога водител на ток-шоу добива ексклузивна шанса да го интервјуира американскиот претседател веднаш по скандалот со прислушување „Вотергејт“ по кој Никсон мора предвреме да ја напушти функцијата. Пет номинации за Оскар.

Сите овие филмови на свој начин потсетуваат на мегаинтервјуто на Груевски кој му ја исцица крвта на народот како вампир, не излезе од ТВ-екраните како ѕвезда на сапуница, повеќекратно го надмина Никсон во прислушувањето… Но, сепак, филмот за кој имаме право да веруваме дека е директна инспирација за ова мегаинтервју е „Интервју“ на Роуген и Голдберг од 2014 година.

Прво, затоа што овој филм е пародија, исто како и интервјуто на „Република“. Второ, затоа што таму се интервјуира севернокорејски водач Ким Јонг-ун, диктатор, исто како и нашиот велик водач. Трето, затоа што Ким, иако заколнат непријател на САД, го гледаме како голем обожавател на американскиот шоу-бизнис, исто како нашиов што го чита Трамп. И последно, но не најмалку важно, затоа што единствениот услов за интервјуто е прашањата да си ги постави самиот Ким Јон-ун.

И да, ќе заборавев, на крајот од филмов што го инспирирал нашево мегаинтервју, Северна Кореја благодарение на Американците (како на филм, нели?) станува демократска држава, со привремена влада. Па сепак, иако прашањево не ми е договорено со него, некако не можам да не му го поставам: Кашлаш ли мирно, Груевски Никола?