Ќосето на дробилица

Македонија и досега ќе беше демократска и правна држава, зрела за европска иднина, ако, на пример, Митко Чавков ги бранеше институциите и седиштето на СДСМ од протестите на „За заедничка Македонија“, исто како што Оливер Спасовски ги бранеше и нив и седиштето на ВМРО-ДПМНЕ од протестите на „Шарената револуција“.

Ќе бевме правна држава ако немаше партиски извршители во државните институции, или ако тие можеа да направат разлика меѓу оние што протестираат оставајќи обични бои по ѕидовите, и оние што протестираат со намера да се потпишат со крвта на нивните таргетирани жртви.

Македонија ќе покажеше дека може да биде правна и демократска држава ако сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ се однесуваа како Влатко Ѓорчев во заштита на политичките опоненти, кога една партиско-криминална структура се обиде да организира терористички акт во храмот на демократијата. Впрочем, Ѓорчев е единствениот припадник на ВМРО-ДПМНЕ кој вистински и на дело го осуди насилството, за разлика од неговите колеги кои тоа го направија декларативно, а со сите натамошни постапки се посраа и врз декларативното.

Македонија ќе беше правна држава ако сите од собраниското обезбедување се однесуваа како што се однесувал нивниот колега Фата Алими кој го спаси Зијадин Села од сигурна смрт, додека убијци го влечеа негото полуживо тело низ собраниските ходници. Другите не реагирале или уште полошо – им помагале на уфрлените маскирани лица од МВР и УБК, за одвнатре да раководат со ударот врз уставниот поредок.

И после се – од ВМРО-ДПМНЕ велат дека друг го нарушил уставниот поредок. Дека Џафери бил избран на шверцерски начин. Тоа го тврдат тие што го шверцуваа Трајко Вељаноски не само да ја закаже и да ја отвори, туку и да ја води конститутивната седница. Тоа го велат тие што низ повеќе влезови во парламентот шверцувале вооружени структури и што со години се шверцуваа во власта преку наместени изборни победи, „средени“ од исти партиско-криминални структури.

Сега кога ќосевци се фатени на дело, како организиран комплот на партиско-криминална структура, покрај правната разрешница за атакот врз уставниот поредок, ќе мора да се расчисти и со симболите на тоа зло

Од тие успеси, дури и нивната Гордана Јанкулоска беше згрозена: „Циркус, Медрано…Сите будалетинки се пуштени таму на интервенција“. А Протогер самоуверено и одговара: „Лудница, ама добро оди“.

На прашањето „Кај ги одбра, бе Мартин, најголемите багабонти у МВР… Кога Утка ти е соработник, до кое дереџе сме стасале“, тој одговара: „Најдобрите дечки се. Тоа е“.

Па сега се жалат дека секој преседан се заканува да стане практика. Не се заканува. Ним веќе им стана практика. И за последната прилика верувам дека ги беа избрале „најдобрите дечки“: оние со најдебели досија, со најголеми бицепси и со најголема малоумност. И сега бесрамно плачат дека полицијата приведувала невини луѓе!

А зошто од ВМРО-ДПМНЕ не ги кажат со име и презиме кои се тие „невини“, па да видиме дали и снимките го потврдуваат тоа. Или и снимките од крвавиот четврток, кај и да е, ќе ги прогласат за сечени, лепени, монтирани…

Ја верглаат таа фраза само за да го стивнат гневот, за да не се сврти „народот“ против нив, бидејќи сфати дека го злоупотребија како евтина обланда во која ќе ги прошверцуваат своите криминални платеници. Па сега испраќаат плачешка бригада, сите облечени во партиски обезбедени маички, за да ламентираат пред ОЈО и за да не им текне дека треба да протестираат кај налогодавецот од Белата палата.

Има многу болни ситуации од крвавиот четврток, во чија дијагнозата некои лекари и лично се вградија. Некои од нив, божем „народно упаднати“ во парламентот, неместо да дивеат по ходниците, требаше да им помогнат на повредените и да потврдат дека ја почитуваат Хипократовата, а не заклетвата пред Хипокрит, кој овде се одзива на презимето Груевски.

Има ли Лекарска комора на Македонија, има ли во неа Суд на честа, и што прави тој? Спие ли, чека ли некој специјално да го разбуди за да расправа за ваквите случаи?

Македонија ќе биде правна држава и кога Талат Џафери ќе сфати дека легитимитетот за функцијата претседател на законодавниот извира од волјата на мнозинството кое е етнички хетерогено, а не етноцентрично претставено низ албанско знаменце на неговата работна маса. За претседател на законодавен дом во мултиетничка земја најважното „знаме“ е свеста за потребата од дијалог, толеранција и почитување на Уставот и законите.

Барем на Џафери треба да му е многу јасно дека во изминатиов период етничките симболи повеќе беа употребувани за создавање тензии, отколку за расчистување на пропагандните магли. Па зарем не виде колку од насилниците во толпата беа изврзани со македонски знамиња и симболи, а тргнаа да одземаат животи!?

Да убиеш човек под државното знаме на Македонија, со рака на која е изврзана црвено-жолтата лента, не е патриотски, туку варварски чин. Згрозена сум, но не сум изненадена, бидејќи се што вети ВМРО-ДПМНЕ – целосно исполни. Груевски на изборен митинг јасно рече: „Заев најде да го цитира Гоце Делчев. Јас ќе му кажам. Да беше Делчев денеска жив, тој немаше да може со него да се поздрави, него ќе му беше пратен само Ќосето, да ја заврши приказната со таков човек!“

Македонија ќе биде правна држава и кога Талат Џафери ќе сфати дека легитимитетот за функцијата претседател на законодавниот извира од волјата на мнозинството кое е етнички хетерогено, а не етноцентрично претставено низ албанско знаменце на неговата работна маса

На 27-ми април тоа беше „остварено“ и „надградено“. Не еден, туку многу ќосиња беа пратени во парламентот. Некои со болни умови жалат што не ја завршиле работата со Заев и Села, туку само се „обрукале“, па сега го притискаат ОЈО да штанца смешни правни квалификации за насилството, местејќи ги обвинителите веќе утре да одговараат за соучесништво во актите на злосторничкото здружение.

Но, никој реално не може да ги намести обвинителите, освен ако самите не се впуштат во опасна авантура за релативизирање на насилството и обидите за убиства како обично „учество во толпа“. 

Сега кога ќосевци се фатени на дело, како организиран комплот на партиско-криминална структура, покрај правната разрешница за атакот врз уставниот поредок, ќе мора да се расчисти и со симболите на тоа зло.

Споменикот на Ќосето мора да оди на топење, ако треба и на дробилица, нешто што ВМРО-ДПМНЕ многу добро знае каде и како се прави, од искуството со опремата за прислушкување.

Само ова не треба да биде таен, туку јавен чин, големо церемонијално погребување на остатоците од едно гнило хушкачко поведение, со неговите вистински и бронзени пиштоли, бомби и радиостаници, низ кои конечно ќе згасне гласот на началници одметнати од МВР и сметнати од умот.