Одвеано со виорот

На крајот од краиштата, по овој невообичаено важен изборен ден, нешто мора да им се признае на ВМРО-ДПМНЕ и на нивниот лидер Никола Груевски. Да, беа во право кога целата предизборна кампања ја поарчија околу убедувањата на гласачкото тело дека почнува новата ера. И, точно, од овој 15 октомври, се чини дека новата ера започна. Се разбира, не затоа што СДСМ извојува толкава победа, колкава што веројатно ни самата партија не очекуваше, туку затоа што една погубна, криминална и корумпирана политика, олицетворена пред сѐ токму во Груевски, конечно замина во историската бездна.

Ако во оваа држава воопшто постои култура на сеќавањето, ерата на Груевски нема да биде запомнета ниту како нова, ниту како стара, туку како црн период во историјата на овие простори.

Како беше она: сите гласачи можете да ги лажете извесно време (што можеше да се види на некои претходни избори, кога буквално нѐ лажеа), некои гласачи можете да ги лажете сето време (што можеше да се види и на овие локални избори), но не можете сите гласачи да ги лажете сето време. Само 11 години!

Круцијалната финта е токму во таа навика времето да се мери од моментот кога „јас“ (Груевски) дојдов на власт и моментот кога паднав. Се разбира, и моментот кога пак ќе воскреснам. А тоа ќе се случи веројатно тогаш кога Исус повторно ќе воскресне.

Сите гласачи можете да ги лажете извесно време (што можеше да се види на некои претходни избори, кога буквално нѐ лажеа), некои гласачи можете да ги лажете сето време (што можеше да се види и на овие локални избори), но не можете сите гласачи да ги лажете сето време. Само 11 години!

Значи, таа измината декада на популизам, тоталитаризам и апсолутна власт на, во суштина, безначајниот бирократ Никола Груевски, остави сериозни траги врз неговото рационално расудување и однесување. Нема сега да навлегуваме во длабочините на свесното и потсвесното, само ќе потсетиме на некои поенти од предизборната кампања што ги пласираше токму лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. На пример, дека во следната декада неговата партија ќе отвори 150.000 нови работни места и дека невработеноста ќе ја намали под десет проценти.

Да го занемариме или едноставно да го заобиколиме фактот дека станува збор за локални избори, а не за парламентарни, односно централни, па ајде и да поверуваме дека партијата на општиот работодавач ќе вработи илјадници невработени, она што е енигма е од каде му е идејата на Груевски дека мандатот што се бара од бирачите трае десет години?

Претпоставувам дека онака како што го мери времето во ери, така ги мери и мандатите во декади. Демек, една декада е исто како и еден мандат. Претпоставувам дека и сите овие изборни циклуси („десет према нула“, што би рекол Влатко Ѓорчев), всушност биле само еден мандат.

За волја на вистината, ако се следеа знаците крај патот, веќе во предизборната кампања можеше да се претпостави катастрофалниот пораз на најбогатата партија во Европа. Нема да навлегуваме во суеверието и да го спомнуваме бројот 13 што овојпат им падна на ВМРО-ДПМНЕ, туку уште еднаш ќе се насочиме кон нивната погубна смисла за хумор, изразена преку решението централниот предизборен митинг да го направат во петок, на 13-ти.

И повторно нема да се врзуваме за суеверието (иако верувам дека бројот 13 засекогаш ќе остане несреќен за врвот на партијата и дека и натаму ќе ги следи), туку за значењата. Петок, 13 октомври, е еден од поважните денови за либералните вредности и за основните човекови и родови слободи, односно на она што на партии од типот на ВМРО-ДПМНЕ ќе им остане вечна тајна. Имено, тоа е Светскиот ден на неносење градници. Тоа е денот кога сите се еднакви. Кога нема предавници, соросоиди, платформи, патриоти и цели држави. Тоа е денот на суштината, на разголувањето…

ВМРО-ДПМНЕ, целата обвиткана во светскозаговорни обланди, патетични одбрани на Татковината, згрозена од родовата еднаквост, насочена кон тоа на Прометеј (оној што го донесе огнот, односно светлината) да му облече гаќи, можеше и мораше да ја направи таа своја дефинитивна грешка – да се разголи на Светскиот ден без градници. И да видиме дека гради, впрочем, и немаат.

Ако во оваа држава воопшто постои култура на сеќавањето, ерата на Груевски нема да биде запомнета ниту како нова, ниту како стара туку како црн период во историјата на овие простори

Денот на изборите, два дена по овој митинг, беше само очекуваната завршница: љубовниот филм со ВМРО-ДПМНЕ и со Никола Груевски да го завршиме токму во стилот на старите холивудски мелодрами – да ги одвееме со виорот.

Всушност, Никола Груевски, со својата задишаност и со драмскиот и драматично треперливиот глас, на неговата прес-конференција неописливо наликуваше токму на Скарлет О’Хара од филмскиот класик „Однесено со виорот“, кога таа ја кажува својата славна реплика: „Не можам за ова да мислам сега. Ако мислам ќе полудам. Ќе мислам за ова утре“. Само што тоа утре повеќе го нема!

Но, да ги оставиме Скарлет и Никола Груевски таму каде што припаѓаат – во историјата и на оние кои сѐ уште се сентиментални на историските патетики. Она што денес ни останува е безмалку неограничената власт на СДСМ и на нивните коалициски партнери. Може сега СДСМ да ја капитализира изборната победа и на бранот на еуфоријата да распише вонредни парламентарни избори и така да го легитимира своето мнозинство во Собранието со позначајна предност од овие два пратеника што во мигов ги има. Тоа би било, претпоставувам, некаква логична последица на големата изборна победа, конечен зафат во демонтажата на злосторничкото владеење и дефинитивен легитимитет за спроведување на тешките реформи, особено во правосудскиот систем.

Но, тоа, од друга страна, ќе значи и речиси апсолутна власт. А апсолутната власт не само што апсолутно корумпира туку апсолутно го довикува и виорот да ги одвее. За ова треба да се мисли денес. Утре е веќе доцна. Скарлет и Груевски можат ова да го потврдат.