Регион

Десничарско здружение ќе постави спомен-обележје во чест на усташки командант

Маргинална десничарска невладина организација, најави дека ќе постави спомен-плоча во чест на Јуре Францетиќ, командант на усташка единица одговорна за големи злосторства извршени над Србите и Евреите, за време на Втората светска војна.

Пишува: Свен Милекиќ, Загреб

Jуре Францетиќ со бегалец од српска националност во 1942 година. Фото: Викимедиа комонс, непознат хрватски фотограф

Хрватскиот портал, Телеграм, во понеделник објави дека невладината организација „Хрватска академија на науките и уметностите на дијаспората“ (ХАЗУД), соопштила оти во саботата свечено ќе му подигне споменик на Јуре Францетиќ, командант на Црна легија, специјална единица на профашистичкото усташко движење.

Повик да присуствуваат на свеченото поставување на спомен-плочата, ХАЗУД им испратил и на хрватската претседателка, Колинда Грабар-Китаровиќ, на премиерот Андреј Пленковиќ и на претседателот на Собранието, Гордан Јандроковиќ, иако беа искажани сомнежи дека оваа најава е можеби провокација и оти не постои вистинска намера спомен-обележјето да се постави.

Францетиќ, чија единица е одговорна за убиство на 890 цивили, Срби и Евреи, во регионот на босанскиот град Власеница, во мај 1942 година, почина во декември 1942 година во Слуњ, поради раните што ги здобил откако претходно партизаните го собориле авионот со кој што летал.

ХАЗУД соопшти дека спомен-плочата ќе ја постави во родниот град на Францетиќ, Оточец, во чест на 105-годишнина од раѓањето на овој, како што стои, „усташки-антифашист“.

Ова здружение го опишува Францетиќ како „хрватски политичар и легендарен војсководец од Втората светска војна, кој се борел против здружениот италијански и српски фашизам“.

ХАЗУД нагласува дека во Слуњ, во 2004 година, со одлука на владата на Иво Санадер, била отстранета првата спомен-плоча на Францетиќ, бидејќи „поставувањето било спротивно на изворните основи на Уставот на Хрватска и му штети на угледот и на интересите на Хрватска“.

Модел на предложената спомен-плоча на Францетиќ. Фото: ХАЗУД

На истиот датум беше отстранет и споменикот на усташкиот министер, Миле Будак, подигнат во неговото родно село, Свети Рок. Во јуни 2016 година, локалните власти во малата крајбрежна општина Билице, именуваа мол по Будак.

ХАЗУД објави и модел на плочата која планира да ја постави. Во текстот на плочата се наведува дека Францетиќ се борел против италијанскиот и српскиот фашизам, особено во источна Босна.

Тој завршува со усташкиот слоган „За дом спремни“.

Како што објави Н1 ТВ, полицијата информирала дека собира информации во врска со овој настан.

За време на војната во 90-тите години, две единици на парамилитарните Хрватски одбранбени сили, кои имале улога и на воено крило на десничарската Хрватска партија на правата, го носеле името на Францетиќ.

Една од нив денес го носи името на Рафаел Бобан, кој го наследил Францетиќ, како командант на Црна легија, по неговата смрт.

По Францетиќ беше именувана и бригада на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО), воени сили на босанските Хрвати, која за време на војната во 90-тите години, дејствувала во градот Зеница, во централна Босна.

Објавено и на „Балканска транзициска правда“