Регион

Главаш ги отфрли обвиненијата дека е виновен за воени злосторства

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Пред Окружниот суд во Загреб, воениот генерал и актуелен хрватски пратеник, Бранимир Главаш, и уште пет други лица, се изјаснија за невини по обвиненијата дека во Осиек, во периодот 1991-1992, извршиле воени злосторства над цивили од српска националност.

Свен Милекиќ, Загреб

Бранимир Главаш во судница. Фото: Бета, Хина, Денис Цериќ, МО

Во понеделникот, пред Окружниот суд во Загреб, започна повторното судење на воениот генерал од конфликтот во 90-тите години, Бранимир Главаш, актуелен претседател на десничарска партија во Хрватска и актуелен пратеник, и уште пет други лица, сите обвинети за воени злосторства.

Главаш, Ивица Крњак, Гордана Гетош-Магдиќ, Дино Контиќ, Тихомир Валентиќ и Здравко Драгиќ, се изјасниja за невини по обвиненијата за убиство на српски цивили во Осиек, во 1991 и 1992 година.

Судењето ги опфаќа предметите „Гаража“, во кој станува збор за убиство на лице пред една гаража во 1992 година, кое, пред убиството, било принудено да испие киселина од автомобилски акумулатор, и „Селотејп“,кој е така наречен поради тоа што жртвите биле врзувани со селотејп и убиени на брегот на Драва во Осиек, во периодот од 1991 до 1992 година.

Биле убиени шест српски цивили, еден успеал да избега, а другиот бил измачуван, но преживеал.

Адвокатот на Главаш, Дражен Матијевиќ, во понеделникот рече дека обвиненијата не треба да се базираат на Женевските конвенции.

Матијевиќ рече дека конвенциите се однесуваат само на заштита на странски граѓани, а жртвите во овој предмет биле хрватски државјани и ја „уживале заштитата на уставниот поредок на Република Хрватска“.

Тој, исто така, нагласи дека случајот не треба да се повикува на дополнителниот Протокол II од Женевската конвенција за заштита на цивилните жртви во немеѓународни вооружени конфликти.

Додаде дека судот погрешно заклучил оти за време на наведените злосторства немало меѓународен конфликт.

Кога во јануари 2015, Уставниот суд на Хрватска ја поништи пресудата на Главаш, образложи дека во јуни 2010 година, кога ја изрекол правосилната пресуда, Врховниот суд требало да се повика на Протоколот II за сите настани кои се случиле пред 8 октомври 1991 година, кога Хрватска ги прекинала врските со Југославија.

Некои од злосторствата за кои е обвинет Главаш, се извршени пред 8 октомври 1991 година.

Одбраната побара, од списите да се повлече исказот на Крунослав Фехир, поранешен подреден на Главаш, кој сведочеше за тоа како жртви биле малтретирани со принудување да пијат киселина од акумулатор и како една жртва била застрелана пред гаражата.

Во 2009 година, Окружниот суд во Загреб, го осуди Главаш на десет години затвор.

Сепак, кога му беше изречена пресудата, Главаш избега во Босна и Херцеговина.

Откако Врховниот суд во јули 2010 година ја потврди пресудата, таа беше потврдена и од Судот на БиХ, по што Главаш беше затворен во Мостар.

Но, во 2015 пресудата на Судот на БиХ беше укината, а Главаш беше ослободен од затворот во Мостар. По ослободувањето, тој се врати во Осиек.

Во јули минатата година Врховниот суд ја поништи пресудата на Окружниот суд во Загреб од 2009 година и наложи повторување на судењето.

За време на војната, во периодот 1991-1992, Главаш беше командант на одбраната на Осиек и доби звање генерал.

По војната стана висок член на Хрватската демократска заедница, ХДЗ, беше нејзин пратеник во парламентот и градоначалник на Осиечко-барањската жупанија.

Во 2005 година, ја напушти ХДЗ, ја основа ХДССБ и доби силна политичка поддршка во Осиек и Барања.

По неговото заминување од ХДЗ, јавниот обвинител започна истрага за воените злосторства извршени над Србите во Осиек.

Главаш беше уапсен во октомври 2006 година, откако беше обвинет за т.н. случај „Гаража“.

Второто обвинение беше поднесено во април 2007 година, во случајот „Селотејп“.

Судењето продолжува на 10 ноември.