Автопат од човечки коски

Ќе дојде денот кога нашиот молк ќе биде помоќен од гласовите што денес ги задушувате.

Овие моќни зборови, врежани на споменикот на чикашките гробишта, посветен на седумтемина работнички водачи осудени на смрт по првомајските протести во Чикаго во 1886 година, му се припишуваат на Аугуст Спајс, уредник на весникот на германски јазик „Арбајтер Цајтунг“ и еден од обесените лидери, по наместениот судски процес со кој американската јавност се пресмета со работничкото движење.

Зборовите што Спајс ги изговара непосредно пред да биде обесен, се добар вовед за размисла за значењето на Први Мај денес и овде. Имено, жртвата на Спајс и другарите не е за ништо друго туку за воведување осумчасовно работно време. Оваа цивилизациска придобивка, добиена со крв и човечки жртви, денес е неприкосновен постулат во поголемиот дел од светот, нешто за што се подразбира и за што не се расправа. Освен за евентуално намалување на работната недела.

Освен во Македонија.

Во главите на нашата „социјалдемократска“ власт многу поважна ставка е „четири години и седум месеци“ отколку здравјето и безбедноста на работниците

Парадоксално е век и половина по чикашките демонстрациии, значи во XXI век, во екот на дигиталната револуција и вештачката интелигенција, Македонија да го пречекува овој работнички празник во сенка на расправата за законско воведување на можна 60-часовна работна неделa. И парадоксално е дека јавноста многу повеќе дискутира, на пример, за тајноста на договорот со „Бехтел и Енка“ и за цената на чинењето на предвидените делници отколку за евидентната можност работничките права да се уназадат на нивото на XIX век. Како нашите гласови да се задушени и овој Први Мај, што би рекол несреќниот Спајс.

Се разбира дека е важно прашањето на корупцијата во најава, но ако сакаме да бидеме искрени, долгорочно гледано нема да биде важно колку чинеле патиштата, туку дека има патишта. А, долгорочно гледано, како што впрочем нѐ учи искуството, одземените веќе изборени права, ќе можат да се вратат само со – борба!

И бадијала се тука вербалните еквилибристики на министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска дека не станува збор за работна недела туку за можност да се зголеми обемот на прекувремената работа, дека станува збор за доброволно прифатен дополнителен ангажман и дека се однесува само за проекти од национален  и стратешки интерес и така натаму.

Па, по ѓаволите, половина од работоспособното население тука е претворено во прекаријат (другата половина е под државна закрила). И знаете што? Луѓето доброволно го прифаќаат тој свој статус, доброволно прифаќаат да работат на договори на дело или за времена работа од еден, два или три месеци. Доброволно прифаќаат да работат во невозможни услови во трговските мрежи, текстилните фабрики, градежните фирми… И знаете зошто? Затоа што немаат друг избор! Земи или остави! Живеј или умри!

Прекувремената работа кај нас речиси по традиција се претвора во прекубремена работа.

Медиумите пренесуваат дека Тренчевска рекла: „Ако сакаме да градиме инфраструктура во државата и да не ја градиме по 15-20 години, туку да ја завршиме за четири години и седум месеци, како што е договорот со Бехтел и Енка, тогаш, праксата, не само кај нас, туку и насекаде во светот, покажува дека треба да дозволиме и прекувремена работа“. И, иронијата да биде поголема, тоа го изјавила по повод 28 април, Светскиот ден за безбедност и здравје при работа.

Токму оваа изјава многу прецизно ги дефинира приоритетите и „националниот интерес“ на нашата држава. Во главите на нашата „социјалдемократска“ власт многу поважна ставка е „четири години и седум месеци“ отколку здравјето и безбедноста на работниците.

Треба ли тука да се повикуваме на безброј истражувања и анализи кои докажуваат дека човековиот организам нема капацитет долгорочно да издржи десетчасовен или 12-часовен работен ден? Треба ли тука да прашуваме зошто рокот на изградба на автопатиштата е поголем национален интерес од животот и здравјето на работниците?

Оние што нема „доброволно“ да го прифатат овој ропски статус имаат свои опции – да извадат бугарски пасоши и да „запалат“ преку граница

Се разбира дека овие прашања се реторички. Одговорот го знаеме. Да, сѐ е поважно од судбината на современите робови. Конечно, при секое доаѓање на некој странски инвеститор или странски изведувач тука се менува Законот за работни односи. (Некои луѓе поретко менуваат чорапи во споредба со фреквенцијата на промените на овој закон.)

И тоа речиси секогаш се случува по барање на странецот. И, што мислите, какви измени бараат странците што доаѓаат во оваа кутра земја? Да им се овозможи на работниците задолжителен топол оброк? Да им се обезбедат услови за рекреација во слободно време? Да им се обезбеди летување на море или престој во бања? Или легално и нормативно да се заокружи робовладетелскиот однос во оваа кутра држава! И тоа на „доброволна основа“!

Оние што нема „доброволно“ да го прифатат овој ропски статус имаат свои опции – да извадат бугарски пасоши и да „запалат“ преку граница.

Се сеќавам на еден министер за труд и социјална политика, тогаш од редовите на СДСМ, оваа иста партија што и денес е на власт, кој своевремено се прослави со изјавата: „Не се работниците бели мечки, па да се штитат со закон“. Ако треба да го споменам по име: да, тоа е актуелниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски.

Сега, оваа повеќе морничава, отколку гротескна изјава доби свој еволутивен развој. Нема работниците да се штитат со закон, туку со закон ќе им се одземаат нивните и онака минимални права.

Министерката Тренчевска вели дека сега е најважно да се најде начин што ќе овозможи 12 часа одмор меѓу еден и друг работен ден! Така било според постоечките законски решенија.

Колку луѓе треба да вградиме во нашите „славни“ коридори за да стасаме до „четири години и седум месеци“

Што значи 12 часа одмор? Што значи 12 часа одмор? Спиење, подготвување храна, одење по гости, читање, одење на концерт, гледање спортски натпревари, филмови, театар…? Да, навистина, што значи 12 часа одмор за еден градежен работник што, сведоци сме, мора да работи по дожд, ветер и сонце што не се издржува?

Еве, бесплатен совет за власта: нека им овозможи на работниците шестчасовен одмор. И тогаш ќе стаса сѐ да изгради пред предвидените рокови. Ете, како успеа Катар да ги изгради оние силни стадиони за Светското првенство во фудбал. Стадиони во чии темели се вградени коски на којзнае колку градежни работници што изгинаа за „националниот и стратешкиот интерес“ на Катар!

Колку луѓе треба да вградиме во нашите „славни“ коридори за да стасаме до „четири години и седум месеци“ (како божем во Македонија било кој инфраструктурен објект бил изграден во рок)?

Денес, на Први Мај, на тој голем и величествен празник на работничките права, мене ми е жал за жртвата на германскиот емигрант Аугуст Спајс и за сите оние неброени жртви што ни ја донесоа придобивката на „трите осумки“, осум часови работа, осум часови одмор и осум часови сон.

Жал ми е, затоа што нашиот молк денес ги задуши нивните гласови тогаш.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија