Доста беше, разбуди се…

Има некаква смисла во онаа наводно граѓанска иницијатива за собирање потписи против градење кампови и станови за исто толку наводните бегалци, кои само што не влегле во Македонија. Имено, медиумите го открија она што и со голо око можеше да се види, дека таканаречената иницијатива, онака малку патетично, а премногу претенциозно, наречена „Будење“, всушност е иницијатива на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која, во недостиг на внатрешни и надворешни непријатели, успеа да ги промовира непостојните бегалци како главна закана на вечната тема на оваа партија – националниот идентитет и неговата загроза, да не кажеме разнебитувањето на државата.

Како што е познато, партискиот лидер Никола Груевски веќе најави промена на партискиот курс кон „меѓународниот фактор“, односно западните земји (читај: Европска Унија и НАТО) и кон овдешното албанско население („ВМРО-ДПМНЕ треба да допре до секој Албанец“), така што, се чини, изборот на внатрешни, а особено надворешни непријатели прилично се стесни, па билдањето на шовинизмот и национализмот требаше да се разрешува преку имагинарните бегалци, чија идеја е, внимавајте сега, токму уривањето на македонската библиска државност.

Но, клучниот збор во акцијата за собирање потписи не е „бегалци“, а не е ни „мигранти“ туку е „станови“. Сега, конечно, се разјаснуваат сите оние афери што беа отворани за време на некогашната власт, а кои се однесуваа за бројот на станови што функционерите на ВМРО-ДПМНЕ (нивните деца, мајки и останати членови на поблиското и подалечното семејство) ги купија или ги добија во посед во време на нивното владеење.

Тие (функционерите) што ги собирале становите на начин на кој филателист собира поштенски марки и со страст со која децата ги полнат со сликички албумите на мундијалите, ете, не го правеле тоа од никакви материјални побуди, а уште помалку од идеја на своето конто да натоварат купишта недвижен имот туку токму од патриотски причини – за да не дојдат тие станови до клетите мигранти, кои ќе ги разнебитат и становите и нас заедно со нив.

Во овие четири години органите на локалната самоуправа направиле илјадници проекти. Во просек по 5,6209 проекти дневно. И како ние не ги забележавме? Едноставно, од бомбардирање со толку многу проекти не можеш да видиш ниту еден. Од шумата проекти не се гледа проектот. Освен ако сечењето дрвја не се смета за проект. Тука навистина беа успешни

Е, сега, кога повеќе не се власт и не можат на таков ефикасен начин да ја запрат мигрантската наезда, не им останува ништо друго, освен да збираат потписи. За да им останат бегалските станови ним. Во случај некогаш повторно да се појави бегалска криза. Или некогаш повторно да треба некаде да се сместат гласачите од Пустец. Со други зборови, тие ги набавуваа становите додека ние спиевме. Односно, тие беа будни и се грижеа за нашата иднина, а ние дремевме.

Денес, кога зимскиот сон им е на повидок, нѐ тераат нас да се разбудиме. И да го запреме градењето станови за бегалци, барем до моментот додека тие повторно не се вратат на власт и не ги испокупуваат тие исти станови што божем треба да се градат за мигрантите. А ние повторно ќе заспиеме.

Ако може да им се верува на медиумите, скопскиот градоначалник Коце Трајановски се фотографирал пред оној мурал со албанско знаме и некоја друга албанска патриотска орнаментика на новиот плоштад „Скендербег“ пред Старата чаршија. Демек, ова му е почетокот на неформалната предизборна кампања за нов градоначалнички мандат и потврда на новиот партиски курс за „допирање до сите Албанци“.

И сето тоа е во ред, освен што не ми е јасно зошто не се сликал на некоја од плажите на Вардар. Просто имав грижа на совест дека сум единствениот кој никогаш не бил на овие природно-општествени скопски туристички убавини за кои истиот Трајановски вели дека ги посетиле милион и кусур илјади луѓе. На човека, едноставно, му е непријатно да признае дека не бил да го види ова евидентно врвно туристичко одредиште, а му се наоѓа на чекор од дома.

Всушност, чудно е дека Трајановски се фотографирал пред оној ѕид каде што се фотографирал, а во овие летни горештини не ги искористил придобивките на скопските плажи. Всушност, не е ни чудно, затоа што плоштадот „Скендербег“ треба да претставува некаков пандан на „Скопје 2014“, додуша во помали размери, ама се чини во подеднакво чувство за кич и за манипулирање со избирачкото тело.

Има неполни два месеца до локалните избори и веќе слушаме за огромните успеси на актуелната локална самоуправа. Во овие четири години направиле илјадници проекти. Во просек по 5,6209 проекти дневно. И како ние не ги забележавме? Едноставно, од бомбардирање со толку многу проекти не можеш да видиш ниту еден. Од шумата проекти не се гледа проектот. Освен ако сечењето дрвја не се смета за проект. Тука навистина беа успешни.

Затоа сфативме кога Драслаица ќе добие канализација. Кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде повторно на власт. Претпоставувам дека тоа е проектот над проектите – Груевски да се врати на власт. Веројатно ни тој проект нема да го видиме. Како што никој не ги виде ниту оние стотина административци кои цело време примале плата, а никогаш не се појавиле на работа. Она што е најинтересно во случајот со фантомските бирократи е фактот дека тие уште примаат плата.

Денес, кога зимскиот сон им е на повидок, нѐ тераат нас да се разбудиме. И да го запреме градењето станови за бегалци, барем до моментот додека тие повторно не се вратат на власт и не ги испокупуваат тие исти станови што божем треба да се градат за мигрантите. А ние повторно ќе заспиеме

Како што тврдат од Владата, буџетот лани бил оштетен за повеќе од 800.000 евра, само за плати на овие „фантоми“. Како што сега стојат работите, новата Влада, откога е на власт, ќе го оштети буџетот за повеќе од 400.000 евра – само за плати на овие „фантоми“. И, да, Груевски ја вети канализацијата во Драслаица кога беше во посета на струшкиот регион, меѓутоа медиумите не забележаа дека ги посетил и Струшките вечери на поезијата. Веројатно затоа што не ги посетил. Како и повеќето патриоти, впрочем. Оние, де, што се бореа за зачувување на статусот на СВП како стожерен столб на овдешниот национален идентитет.

Но, не е сѐ така црно. Ете, „Трансмет“ повторно го доби тендерот за ископ на јаглен за РЕК „Битола“. Демек, сега биле многу поевтини и ќе копале за 44 денари по килоџул, што и да значи тоа, наспроти оние 144 денари за кои копале досега. Ако е ова реалната цена, останува прашањето каде оделе оние сто денара вишок од претходните копања? Може ли да се случи, на пример (ова е сепак само пример), „Трансмет“ да понудил цена под исплатливоста само за да остане во игра? И ако го направил тоа, постои ли закон за заштита на конкуренцијата.

Мислам дека не е неопходно тука да се објаснува зошто „Трансмет“ со сите сили се обидува да го добие овој тендер. Меѓутоа, опходно е да се каже дека АД ЕЛЕМ, за чија сметка се спроведе овој тендер, наводно констатирало дека газдата на „Трансмет“ Сеад Кочан, инаку обвинет од Специјалното јавно обвинителство, токму за местење тендери со ЕЛЕМ и со РЕК „Битола“, не бил повеќе во управните органи на компанијата. А компанијата немала блокирана сметка, па затоа и рамноправно учествувала на тендерот. Оттука излегува дека на спорниот тендер воопшто не учествувало правното лице „Трансмет“ туку само Сеад Кочан со својот своерачен потпис.

Да, навистина, од кога тоа правното лице нема одговорност за незаконско работење? На пример, Управата за јавни приходи затвори неколку кафулиња и слаткарници во Аеродром, а, гледај чудо, не затвори ниту еден газда.

Да, будењето секако има смисла. И време е, конечно, да се разбудиме.