Голиот министер и разголеното поетско сивило

Да не се случеше, немаше да поверувам. Веста на денот не е повлекувањето на контроверзниот руски бизнисмен Сергеј Самсоненко од трите најуспешни македонски спортски клубови (машкиот и женскиот ракометен, како и фудбалскиот клуб „Вардар“) туку именувањето на претседателот на Управниот одбор на – Струшките вечери на поезијата!

Како тоа се случи името на Дарко Лешоски, новиот претседател на УО на СВП, одеднаш да стане поважно за социјалните медиуми и интернет порталите не само од годинашниот лауреат на Златниот венец, големиот американски автор Чарлс Симиќ, туку ете и од спортскиот тајкун Сергеј Самсоненко и што тоа воопшто значи е прашање за медиумските теоретичари, за истражувачите на јавното мислење, а богами и за социјалните психолози.

Како и да е, именувањето на Лешоски постигна барем една цел – ги постави СВП на врвот на јавниот интерес. За споредба, минатогодишната лауреатка на Златниот венец, една од најголемите живи светски писателки, Канаѓанката Маргарет Етвуд, беше спомната по македонските медиуми речиси протоколарно.

Именувањето на Лешоски постигна барем една цел – ги постави СВП на врвот на јавниот интерес. За споредба, минатогодишната лауреатка на Златниот венец, една од најголемите живи светски писателки, Канаѓанката Маргарет Етвуд,  беше спомната по македонските медиуми речиси протоколарно

Се чини дека најголемата причина за полемичните ставови што ги предизвика поставувањето на Лешоски на оваа функција, всушност, е неговиот неконвенционален поетски хабитус. Тој најчесто се нарекува „Фејсбук поет“, што ќе рече дека, наспроти традиционалното поетско претставување (книги, манифестации, фестивали) ги преферира социјалните медиуми за презентација на сопственото творештво, кои (барем кај нас) сѐ уште не се сфаќаат сериозно или барем не доволно сериозно.

Наспроти тоа, Струшките вечери се сфаќаат дури и пресериозно. Тие зад себе влечат некаков товар на национален белег на македонската нација, идентитетски орнамент без кој наводно ќе се осакати националната култура. Претпоставувам дека токму поради ова бреме на државно-националното значење, СВП всушност останаа бледа, старомодна, речиси непроменлива и бескрајно здодевна манифестација.

Читањето песни од поети, кои најчесто и немаат соодветна дикција, од мостовите на Дрим можеше и беше важна културна манифестација во 1967 година. Денес, половина век подоцна, тоа не е ништо друго туку еден платен езерски викенд, несоодветен пи-ар за актуелните политичари и директори на културните институции и евентуално дружење во Свети Наум меѓу самите поети.

Се чини дека Дарко Лешоски најмногу е напаѓан токму поради неговите ставови за овој поетски фестивал, кои коинцидираат со погоре споменатите. Демек, не можеш да бидеш претседател на Управниот одбор на манифестацијата што ја омаловажуваш. Се разбира, можете, но не морате да се согласувате со ваквото мислење. Она што тука сакам да го кажам е дека Струшките вечери не се, ако некогаш воопшто и биле, национален симбол на државата. Како што ниту Нобеловата награда не е шведски национален симбол или како што Венецијанското биенале не е национален белег на Италија, на пример. Конечно, уметноста е универзална. Или барем таква би требало да биде.

Она што во случајов е битно, тоа е дека ваквиот начин на презентација на поезијата едноставно е мртов. Тоа е само начин културата да се ползува во некакви политички цели, а СВП никогаш не биле имуни од тоа. На пример, единствената официјална посета на Македонија, Слободан Милошевиќ, тогаш лидер на српските комунисти, ја имаше токму на Струшките вечери на поезијата, кога лауреатка беше Десанка Максимовиќ (подоцна беше во Охрид, но во рамките на преговорите меѓу лидерите на тогашните југословенски републики).

Со други зборови, Струга стана само форма без суштина. Нешто како цигари без никотин, кафе без кофеин, кока-кола без шеќер… Едноставно, празна лушпа. Во таа смисла, мене лично ме радуваат „омаловажувачките“ изјави на Лешоски. Тие навестуваат дека „вонинституционалниот“ поет ќе се амбицира да ја модернизира институцијата од внатре, дека ќе ја направи помултимедијална и секако попровокативна за таканаречениот обичен народ, дека ќе ја исчисти од наводниот академизам и ќе ја направи атрактивна, достапна и суштинска за времето во кое живееме.

Ако министерот имал храброст во оваа конзервативна средина пред некои 15-тина години да се слика гол за потребите на еден уметнички проект, тогаш тој сигурно знае каде се движи уметноста денес и кои се трендовите во современиот свет

За жал, според реакциите како е примено неговото именување, скептични сме дека секој обид за осовременување на СВП ќе наидува на неразбирање и жестоки отпори.

Она што сепак остава простор за оптимизам е речиси истовремено објавената фотографија на разголениот министер за култура – Роберт Алаѓозовски. Наспроти целта на нејзиното објавување во опозициските медиуми и портали, а тоа е да се сатанизира министерот и да се оспори неговата компетентност, токму оваа фотографија е знак дека можеби доаѓа некое подобро време за таканаречената жива култура. Имено, фотографијата е извлечена од уметничкиот проект на Христина Ивановска „Body&Sex Space“, објавен во тематскиот број на списанието „Маргина“ во 2003 година. Бројот е 62, а темата е „Простори“.

Првиот бенефит на објавувањето на оваа фотографија е фактот дека и опозициските медиуми, чијшто културен и уметнички систем на вредности се сведува на лажниот барок од „Скопје 2014“ и фолклорното сфаќање на традицијата, се заинтересирале за едно мошне квалитетно, а за наши поими и авангардно списание, како што е „Маргина“. Втората работа е во тоа дека ако министерот имал храброст во оваа конзервативна средина пред некои 15-ина години да се слика гол за потребите на еден уметнички проект, тогаш тој сигурно знае каде се движи уметноста денес и кои се трендовите во современиот свет.

Токму во контекстот на фотографијата на разголениот министер го гледам и именувањето на Дарко Лешоски за претседател на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, односно како обид да се разбранува овдешната зачмаена културна сцена, а првенствено како обид да се додаде малку боја на безбројните нијанси сиво што владеат со нашиот културен живот.

Се разбира дека е добро што се дигна олкава врева околу именувањето на Лешоски. Ќе беше лошо ако беше избрано некое име кое јавноста ќе го премолчеше. Тоа ќе значеше дека е избран уште еден конвенционален лик што ќе се колне во „традиционалните вредности“ на СВП и ќе го прави токму тоа – ќе ја продолжи традицијата на сивилото.