Карма из а бич, а историјата – фарса

Колумна на Сашо Кокаланов

Благодарение на една карактерна црта на поранешнот премиер Никола Груевски, Македонија денес не се вика Република Тенџере. Ова во интервју кај Миленко Неделковски го тврди актерот и тврдокорен македонски патриот Петар Темелковски, прогласувајќи го лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за херој кој го одбранил македонското свето име и кој и денес стои на браникот на народот и на државата. Јас пак, имам лоша карактерна црта – да копам и да пребарувам, да гребам по наслагите на тенџерињата.

Ако ја отворите биографијата на Темелковски, првата улога во пописот на значајни театарски ролји што ја одбележале неговата кариера е – Андреа Сарти во „Животот на Галилеј“ од Бертолт Брехт. За оние кои можеби не знаат, Галилеј е онаа будалата која тврдеше дека Земјата се врти околу Сонцето, а не обратно, и кој немаше поим дека Земјата е плоча, како што покажуваат најновите истражувања на Миленко.

Нејсе, овој Андреа Сарти што го игра Петар е младиот помошник на Галилеј и негов ученик. Најпознатата реплика на Андреа во драмата на Брехт е извикот: „Тешко на државата која нема херои!“ На тоа Галилеј смирено одговара: „Тешко на државата на која ѝ требаат херои“.

Лошо е за еден актер кога од драмите го учи само текстот на сопствениот лик.
Кутриот Галилеј, во 1633 мораше пред судот на инквизицијата да се откаже од своето небулозно тврдење за вртењето на Земјата, но црквата, се разбира, не му прости тукутака. За да не продолжи да шири ерес и за да ги заштити својот народ и уставниот поредок на Светото Римско Царство, мораше да го смести Галилеј во домашен притвор.

Но, Галилеј продолжи да ги загрозува државните интереси преку своите дела, па црквата мораше сите да ги запали, за да го спаси народот од заблуди. Гореа книгите на Галилеј, а од огнот се топлеа срцата на верниците. Иако нема податоци дали околу огновите се играле традиционални ора, се пиела посна ракија и се гнетела пржена риба, народот несомнено се веселел, тоа нема сомнеж.

Благодарение на карактерната црта на тогашниот инквизитор, лагите за Сончевиот систем беа сотрени. Сонцето продолжи да се врти околу Земјата, ние луѓето (народот) останавме центар на универзумот, останавме најважни и сѐ продолжи да постои поради нас, оти човекот е круна на созданието, господар на сè, икона Божја и потенцијален бог по благодат.

Галилеј пцовиса заедно со своите заблуди. Светото Римско Царство е спасено.

Просто е насфатливо како левичарите ништо не научиле од историјата. Еве пак самите го подметнуваат пожарот на сопственото истребување. Сега Груевски нема друг избор. Мора да прогласи диктатура за да ги спаси државата и народот

А ние за момент го оставаме Галилеј да му се печат коските на Сонцето за кое го лажеше народот дека е центар на нашиот планетарен систем и се селиме во една друга `33 – не 1633, ами 1933. Ја проверуваме онаа старата марксистичка дека историјата се повторува прво како трагедија, а потоа како фарса.

Значи, 1933 – повторно пожар. Горат книгите, овојпат на споменатиот Бертолт Брехт. И не само неговите. Горат и на многумина други писатели. А не горат ниту само книги. Гори и Рајхстагот, парламентот на Светото Римско Царство, подоцна и на Германското царство.

Како што тврди нацистичката власт, а нема зошто да не ѝ веруваме, Рајхстагот го палат комунистите и социјалдемократите. Поточно, фатен е и потпалувачот, иако без докази, холандскиот комунист Маринус ван дер Лубе, не толку далечен предок на денешните соросоиди. За него подоцна во истрагата се утврдило дека имал релации и со социјалдемократите, па освен Комунистичката партија на Германија, која е целосно укината, уапсено е и целото раководство на Социјалдемократската партија.

На 28 февруари (баш кога ја пишувам колумнава), ден по палењето на Рајхстагот, во име на народот е донесен Законот за одбрана на народот и државата, со кој се укинуваат сите лични слободи, слободата на говорот и на печатот, како и правото на собирање. Почнува систематското чистење на земјата од предавници и од луѓе кои не се со чисто германско потекло.

Германија е одбранета. Уништени се 11 милиони предавници, од припадници на разни малцинства (Евреи, Цигани, Словени), па сѐ до политички противници (комунисти, социјалисти, социјалдемократи и либерали) и социјални групи (инвалиди, хомосексуалци). Благодарение на таа карактерна црта на фирерот Хитлер, Германија беше исчистена. „Чиста Германија!“ – се скандираше по улиците. Народот беше среќен. Ја одбрани својата земја.

Не е најважно, но за мене, за Петар Темелковски и за некои други кои го сакаме театарот, не ни е неважно дека Брехт побегна за Данска. Немаме информации дали оттаму ѝ вртеше на мајка му (Солза?) да праша дали треба да се врати за на протест, веројатно да, но сепак да се држиме само до историските факти.

А историски факт е дека комунистите сами го потпалија парламентот за да може Хитлер да прогласи диктатура и да ги истреби. Што тука не е јасно?

Добро, помогна малку и претседателот. Германија во таа `33 има претседател кого го сметаат за фикус, зашто немал никакво влијание и достоинство. Кутриот Паул фон Хинденбург, со своите 86 години беше престар да се занимава со политика, главно потпишуваше без поголем отпор сѐ што ќе му сервираше канцеларот Хитлер. Така го потпиша и Законот за одбрана на народот и државата.

Иако има само 44 отсто во парламентот и заедно со сите коалициски партнери едвај доаѓа до климаво мнозинство од 52 отсто, Хитлер го прогласува Третиот Рајх. Сѐ понатаму влегува во жанрот трагедија.

Гледате, впрочем, браќа Македонци, и вие самите што се случува, читате и самите Инфомакс, што да ви прераскажувам. Се надевам дека доволно пати го спомнав зборот „народ“ во колумната. Ако не, ве молам, простете ми

Да го оставиме сега Третиот Рајх и да сконеме до Четвртиот Илинден. Што се случува на 28 февруари 2017 година за време на Четвртиот Илинден? Државата и народот се нападнати. Водачот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој има само 42,5% од гласовите, се прогласува за победник. Не може да формира влада, но благодарение на својата карактерна црта – државните интереси да ги стави пред личните, го одлага одењето во затвор поради криминал и се посветува на одбрана на државата.

Неговата борба станува моја борба, борба на Петар, на Миленко, и борба на секој чесен патриот.

Се организира спонтан сенароден протест на кој се претепани новинар и снимател. Настанот ги потпалува страстите. Предлагам, затоа, да се држиме исклучиво до веродостојни извори на информации, односно до порталот Инфомакс. Според порталот, на мирниот протест на поддржувачите на „Чиста Македонија“, комуњарите и социјалдемократите подметнуваат провокатори кои ја тепаат новинарската екипа.

Просто е насфатливо како левичарите ништо не научиле од историјата. Еве пак самите го подметнуваат пожарот на сопственото истребување. Сега Груевски нема друг избор. Мора да прогласи диктатура за да ги спаси државата и народот.

Ама тоа е нивни проблем. Народот го крена гласот, тоа е најважно. Од претседателот се бара да не го дава мандатот на мнозинството во парламентот и да застане во одбрана на државата и народот. Македонија е на нозе! Чиста Македонија!

Гледате, впрочем, браќа Македонци, и вие самите што се случува, читате и самите Инфомакс, што да ви прераскажувам. Се надевам дека доволно пати го спомнав зборот „народ“ во колумната. Ако не, ве молам, простете ми.

Што ми е муабетот? Слободно изгуглајте го ова: „Закон за одбрана на народот и државата“. Очекувате дека ќе ви се појави Хитлер? (Таков закон донел единствено тој.) Се лажете! Првиот резултат што излегува е официјалната страница на ВМРО-ДПМНЕ. Односно текстот насловен: „Државата е нападната, ние и народот ќе ја браниме и ќе победиме“.Тоа не е ништо друго туку Фејсбук-статусот на поранешниот премиер Никола Груевски во кој повикува на борба. И следните три резултати се поврзани со Груевски.

Копилето Маркс заеба многу работи, ама за историјава изгледа беше во право. Карма из а бич, друже Перо! Карма из а бич, а историјата – фарса! Џабе тропаме по тенџериња! Она ѓубрено комунистичко Брехт би ни рекол: „Тешко на држава на која ѝ требаат херои како вас!“ Но, ние треба да си се држиме до нашите реплики! Не смееме да запреме во одбраната и чистењето на Македонија! По Третиот Рајх не ни може да дојде ништо друго освен – Четвртиот Илинден! Да живее Македонија! Чиста Македонија!