„Невидливите“ луѓе и нивните бракови

Во четвртокот вечер (15 февруари), речиси сите поважни светски телевизии ја прекинаа својата програма со агенциските „брејкинг њуз“: грчкиот парламент го усвои законот за истополови бракови со можност за посвојување деца.

Што беше толку важно во фактот дека Грција стана една од 20-тината европски држави што во своето законодавство ги изедначија хетеро и истополовите бракови? Особено што по кусата јавна расправа беше речиси евидентно дека законот ќе го помине собранискиот филтер.

Православието и истополовите бракови

Светските агенции наведуваат неколку моменти. Првиот, секако, е дека Грција е првата држава со доминантно православно население што на овој начин ги либерализира хомосексуалните односи. Се смета дека православието, како ортодоксна, односно традиционално-конзервативна религија, главно организирана во црковни заедници доминантни во одредена држава, има големо влијание во општествениот, па и во политичкиот живот на земјите.

За православието, како што ни е и нам добро познато, истополовите заедници се едни од најголемите гревови кон Бога, поточно кон верските догми. А, влијанието на Црквата во традиционално религиозната и донекаде ксенофобична Грција, а и во нивниот политички живот, е прилично силно, па затоа оваа вест беше примена со немала доза изненадување. Грчката црква, секако, беше жестоко против предложениот закон.

Натаму, законот за истополови бракови покажува извесни, за некои аналитичари дури и тектонски поместувања на грчката политичка сцена. Имено, законот е изгласан по предлог на владејачката конзервативна Нова демократија и на нивниот лидер, актуелниот премиер Киријакос Мицотакис. Иако Мицотакис вложи приличен политички капитал во донесувањето на овој закон, рескирајќи големо количество десноориентирани гласови, тој, сепак, дозволи внатрепартиска демократија, овозможувајќи им на пратениците од неговата партија да гласаат според својата совест.

За православието, како што ни е и нам добро познато, истополовите заедници се едни од најголемите гревови кон Бога, поточно кон верските догми. А, влијанието на Црквата во традиционално религиозната и донекаде ксенофобична Грција, а и во нивниот политички живот, е прилично силно

Тоа им овозможи на голем дел од пратениците на Нова демократија да бидат воздржани, некои да гласаат против, а некои воопшто и да не се појават на седницата.

Гласовите до простото мнозинство (176 „за“ од вкупно 300 членови на грчкиот парламент) практично ги обезбедија двете најголеми левичарски опозициски партии, Сириза и ПАСОК. За разлика од Нова демократија, гласањето на пратениците од овие партии беше подложно на партиската дисциплина, односно пратениците беа под закана на партиски санкции ако гласаат спротивно од партиските политики. Малата, но секогаш присутна Комунистичка партија на Грција со индигнација одби да гласа за законот за истополови бракови.

Во кампањата за носењето на овој закон, Мицотакис го стави фокусот на еднаквите права, не на припадниците на ЛБГТ заедницата, туку – на децата! Иако тој процент може да се смета за минорен, сепак постои одреден број деца што живеат во истополови заедници. Главно станува збор за деца „наследени“ од претходни хетеро заедници. 

Во случај на смрт на биолошкиот родител, неговиот партнер или партнерка немаат право на социјално родителство, односно не можат да го посвојат детето, не можат да бидат со него во болница, во случај на болест, детето не може да ги наследи итн. Симптоматична е изјавата на Мицотакис дека ова е само почеток на решавање на проблемите на „невидливите“ луѓе во грчкото општество, ама дека е добар патоказ како тие проблеми треба да се решаваат.

Од друга страна, овој закон и не би требало да биде некакво особено изненадување, затоа што Грција е првата православна држава, која уште во 2015 година го усвои Законот за истополови граѓански заедници. Сега само овие заедници добија право на брачен статус. Втората православна држава што овозможи легализација на истополови заедници е Кипар (што не е никакво изненадување, со оглед на туторскиот однос на Грција врз оваа островска држава), а потоа тоа го направи и Црна Гора (што секако е изненадување, со оглед на големото присуство на традицијата во оваа мала држава). 

Македонија и истополовите бракови

Инаку, само 14 европски држави, на ниту еден начин, ги немаат регулирано истополовите заедници. Или да бидеме попрецизни, во 14 држави, овие заедници практично се илегални. Тоа се: Русија, Белорусија, Литванија, Полска, Украина, Словачка, Молдавија, Романија, Бугарија, Турција, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и – Македонија.

Во Македонија практично не постои ниту јавна расправа за правата на ЛГБТ заедницата. Тие се видливи само во времето на Парадата на гордоста, а и тогаш најчесто како мета најмалку на говор на омраза од висок интензитет. Обидите за воведување на родово образование во училиштата по правило се дочекани на нож. 

Градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, патем речено високо позициониран член на владејачкиот СДСМ, практично ги проскрибира невладините организации што се занимаваат со човековите права на ЛГБТ заедницата. 

Не ни е потребна ниту Европа за да сфатиме дека сите луѓе се раѓаат исти и дека секој човек е различен од другиот. Додека тоа не го разбереме, ќе припаѓаме на онаа група држави на која суштински припаѓаме

Од утре, како градоначалник, со целото мое законско право ставам ништовност на секој меморандум на таквите невладини организации и вето доколку каков било допис стигне до општината од нивна страна!“, напиша Костадинов на својот фејсбук-налог на 20 јуни минатата година, образложувајќи ја оваа своја одлука како одбрана на струмичани од ова „зло“. 

„Кога е Струмица во прашање нема компромиси, се работи за нашите деца, нашите внуци, станува збор за сите нас!“

Никого тука, се разбира, не го изненадува нашиот однос кон поинаквите од нас и кон нашите „традиционални вредности“. Во некогашната СФРЈ, машката хомосексуалност беше кривично дело (озлогласениот член 186 за „противприроден блуд“ од Кривичниот законик). Но, уште во 1976, тогашниот највисок орган во државата, ЦК СКЈ, препорача републиките да го избришат овој член и да ја декриминализираат хомосексуалноста. Меѓутоа, по Уставот од 1974 година, Југославија практично стана своевидна конфедерација и републиките работеа по сопствено убедување. 

Словенија и Хрватска набргу ја декриминализираа хомосексуалноста, а другите републики го направија тоа дури по осамостојувањето и по завршувањето на југословенските војни. Во Србија и во Црна Гора, тоа е направено во 1994 година, во Федерацијата Босна и Херцеговина и во Македонија во 1996 година, а последната некогашна југословенска територија, каде што е декриминализирана хомосексуалноста, е Република Српска – во 1998 година. 

Интересно е толкувањето дека до декриминализацијата доаѓа поради влијанието на современите научни и општествени текови, но уште повеќе поради заложбите за зачленување во Советот на Европа, односно поради потребата да се усогласат правните акти со европското законодавство.

Денес, ете, аспирациите кон европските интеграции се значително намалени. Ние не сме во состојба едно малцинство да вметнеме во преамбулата на Уставот, а камоли да ги гарантираме правата на „невидливите“ луѓе. На крајот на краиштата, не ни е потребна ниту Европа за да сфатиме дека сите луѓе се раѓаат исти и дека секој човек е различен од другиот. Додека тоа не го разбереме, ќе припаѓаме на онаа група држави на која суштински припаѓаме.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија