Постојат неколку митови за американската мафија од нејзиното „златно“ време од 30-тите години на минатиот век: дека имала свој цврст етички код, дека не уценувала и рекетирала обични луѓе, дека им помагала на сиромашните и дека главните бизниси биле наменети за забава на луѓето – пробивање на прохибицијата на алкохолот, коцкарници, шоу-бизнис, ноќни клубови, филмска индустрија…
Легендата вели дека оние старите мафијашки кумови од типот на Лаки Лучано, на пример, одбивале да работат со дрога и така го загубиле приматот во Организацијата, а таа, губејќи го својот витешко-романтичарски сјај, се претворила во класично шверцерско-рекетарско-дилерско злосторничко здружение.
Отидоа ли инспекции по аптеките, придружувани од припадниците на Единицата за брза интервенција да ја проверат ситуацијата? Или немаа време од фаќање малолетници што пијат алкохол во сабота навечер во кафулиња?
Денес наследниците на некогашната мафија главно се занимаваат со шверц и распарчување на дрога, со шверц на оружје, на човечки органи и на – лажни лекови. Во некои делови од овој бизнис, како што гледаме деновиве, и Македонија е активно вклучена. Продажбата на фалсификувани лекови е едно од најголемите зла со кое во последните години се соочува светот. Од Кина и Сирија преку Германија и Велика Британија па сѐ до САД и Канада. Се проценува дека само во Африка умираат околу 700.000 луѓе на годишно ниво поради употребата на лажни лекови.
Она што го разликува светот од Македонија е фактот дека светот активно се бори против ова зло, а Македонија – не! Македонија, всушност, како државна структура, активно учествува во дистрибуцијата на фалсификуваните лекови и го овозможува нивниот увоз. Со законот за таканаречен паралелен увоз на лекови од 2013 година практично е овозможено внесување фалсификувани медикаменти во земјата без никаква контрола.
Останува запомнето дека некаде во тоа време на една од европските конференции наменети на оваа тема, кога алармот е веќе вклучен на највисоко ниво, тогашниот министер за здравство Никола Тодоров ја убедува Европа дека во Македонија нема лажни лекови и дека Македонија е една од најсигурните земји во светот по тоа прашање. Ете, Ден Дончев, директор на Фондот за здравствено осигурување, во интервјуто за „Фокус“ тврди дека Турција уште пред две години предупредила за „подземното“ производство на лажни лекови на нејзината територија (од каде што доаѓаат најголемиот број лажни лекови во земјата).
Сепак, главното прашање не е како претходната власт ја преобразила државата во мафијашко здружение и колку овој потег ќе ја чини нацијата физичко, но и ментално здравје туку што сегашната власт презема за да ја врати состојбата во нормала. „Донира“ инкубатори за бебиња? Констатира кој колку потрошил и што јадел на службена сметка од претходната власт? Значи, не прави ништо, што ја прави соучесник во ова злосторство. Или барем оној куп ангажирани пи-ар стручњаци немаат одговор на ова прашање.
Се направи ли попис на лекови по аптеките? Се извести ли за кои лекови станува збор? Се повлекоа ли лековите од аптеките? Им се забрани ли увоз на лекови на осомничените компании? Отидоа ли инспекции по аптеките, придружувани од припадниците на Единицата за брза интервенција да ја проверат ситуацијата? Или немаа време од фаќање малолетници што пијат алкохол во сабота навечер во кафулиња? Или се чека именување нов министер за здравство за да преземе нешто? Па, нему да му поминат сто дена дури се снајде на позицијата. И така натаму.
Главното прашање не е како претходната власт ја преобразила државата во мафијашко здружение и колку овој потег ќе ја чини нацијата физичко, но и ментално здравје туку што сегашната власт презема за да ја врати состојбата во нормала
Да, Јавното обвинителство покрена предистражна постапка, која ќе трае толку колку што ќе трае. А до тогаш?
До тогаш ќе живееме како досега. Со лажно здравство, со лажен воздух, со лажно судство, со лажни споменици… Со нашите лажни животи.
Во земја, во која јавна институција ги известува граѓаните дека има водоводен дефект на улица „Инди Раганди“ или каде што сосема сериозно се предлага потопување стари бродови и хаварисани авиони во Охридското Езеро за да се привлечат така туристите-нуркачи, фалсификуваните лекови се само производ на комплетната игноранција, целосното незнаење, нестручноста и алчноста на партиско-мафијашката држава.
А да ставевме едно парапетче околу целата држава, што би рекол Груевски!