Никола Груевски целосно се спасува од издржување на двегодишната затворска казна во случајот „Тенк“, за набавката на луксузниот „мерцедес“.
На 4 октомври 2018 година беше правосилно осуден, а до овој 4 октомври поминуваат шест години.
Тоа е целосното време, во кое, според Кривичниот законик, му застарува одлежувањето на казната.
Според законот, „застареноста на извршувањето на казната настапува во секој случај кога ќе помине двапати онолку време колку што според законот се бара за застареност на извршувањето на казната“.
А во казната на Груевски, делото застарува за три плус три години.
Со други зборови, кога утре тој би се појавил во Македонија, нема да лежи затвор за ова кривично дело за кое беше осуден.
Додека беше во Македонија, Груевски говореше дека е обвинет „за сакање“ да купи луксузен автомобил поради политичка корист и дека е жртва на политичко-судски прогон.
Поранешниот премиер, Зоран Заев, пак, најавуваше дека ќе го продадат „мерцедесот“ и со парите ќе купат амбулантни возила, но автомобилот и натаму се вози. Информацијата дека возилото и натаму се користи ни ја потврди директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски.
За БИРН рече дека во него се возеле висока американска и италијанска делегација и дека редовно се користи кога за тоа има потреба.
За истиот предмет Гордана Јанкулоска беше правосилно осудена на 4 години затвор, а Ѓоко Поповски на 4,6 години затвор. Тие ги одлежаа казните.
На поранешниот премиер му преостанува да одлежи една и пол година затвор за случајот „Насилство пред Општина Центар“, која му застарува за три години, односно во 2027 година.
Најдоцна му застаруваат деветте години затвор за случајот „Плацови на Водно“, во 2043 година.
Но, во овој случај, Груевски е осуден во отсуство, и кога би се вратил, би можел да бара повторување на постапката, што значи дека би му се судело одново.
Во текот на годините и по измените на Кривичниот законик му застареа предметите ТНТ, за уривањето на комплексот „Космос“ и „Траекторија“, за провизиите за изградба на автопатиштата. Измените го спасија Груевски и од обвинението за случајот „Скопје 2014“, „Феникс“.
Поранешниот премиер останува обвинет уште во предметите „Талир 1“ и „Талир 2“ над кои, исто така, виси неизвесност како ќе завршат, и во случајот „Титаник“, каде е обвинет дека злоупотребил средства за финансирање на изборната кампања и дека го повредил избирачкото право.
Поради тоа што беше недостапен, во прекин му е и истрагата за насилниот упад во Собранието од 27 април 2017 година.
Во ноември ќе се навршат шест години откако избега во Унгарија и доби политички азил.