Репортажи

На едната страна се либералите, на другата Словените, а античките се пред избор

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Александар Дугин се претстави како „народен дипломат“ на рускиот народ | Фото: БИРН

Во средината на февруари во Скопје дојде заменски бенд на „Депеш мод“, а на почетокот на март допатуваа заменски претставници на Руската федерација, или како што самите се нарекоа – „народни дипломати“. Во хотелот „Континентал“, додека на приземјето имаше шаховски турнир, на катот се разгледуваше прашањето како е најдобро да се наместат фигурите за Македонија на геополитичката табла, и која боја да се избере за играње. На покана на Јанко Бачев, лидерот на неодамна ребрендираната проруска партија „Единствена Македонија“ во салата се собраа околу 400 луѓе. Сите дојдоа да го видат „човекот на Путин“.

Александар Дугин и Леонид Савин беа претставени како советници на рускиот претседател Владимир Путин. Тие сепак не членови на административни тела што го советувале Путин. Но,многумина на Дугин му ја припишуваат  титулата „идеологот“ или „мозокот“ на Путин. Се смета дури и дека неговата филозофија го инспирирала нападот на Украина. Дугин е против либерализмот, против Западот, и се залага за сесловенско единство и за евроазиско зајакнување.

Поздравени со „Русија, Русија“

Интересот беше голем, па персоналот мораше да донесе дополнителни столчиња | Фото: БИРН

Руските гости заедно со Бачев и со потпретсеателот на „Единствена Македонија“ Стефан Влахов Мицов се подготвуваа за конференцијата во еден затскриен дел од фоајето на „Континентал“. Горе, на триесетина минути пред почетокот, половина од салата веќе беше полна.  Набргу се исполни и остатокот, па персоналот мораше да носи дополнителни столчиња. И покрај тоа, дел од публиката остана да стои.Во преполната сала имаше малку познати лица, како професорот Тони Науновски и отецот Ивица Тодоров.

Дугин и Савин дојдоа, дадоа кратка изјава за медиумите во која рекоа дека „никој нема право на македонскиот народ да му наложува какво име да има“, и се упатија кон бината. Дугин уште веднаш предизвика аплаузи со пораката дека е во земјата од каде што дошла словенската писменост, од директните претци на присутните.

Дел од публиката остана да стои во преполната сала | Фото: БИРН

„ Ова е враќање кон нашата црква и духовната традиција.Кога словенските народи можеле да го обединат својот идентитет, секогаш некој ги попречувал, Турција, Германија, сега Западот. Но денес имаме шанса како слободни народи во еден повеќеполарен свет да се обединиме и секој да си го утврди својот идентитет. Ова не е конфликт на идеологиите, туку право на народите“, порача тој.

Публиката слушаше внимателно. Со аплаузи и овации ја поздравуваше секоја порака, извикувајќи „Русија, Русија“ на секоја пауза. Дугин продолжи да ги претставува, како што вели, политичките позиции на братскиот руски народ – идентитетот и суверенитетот.

Дугин: Имате право на избор, но Западот пропаѓа

Западот пропаѓа и треба да се грижи за себе, а не да шири пропадната идеологија, порача Дугин | Фото: БИРН

„Либералната идеологија е тоталитарна. Таа сака да ги уништи традициите. Многу народи ја отфрлаат за да си ја заштитат својата култура, јазик и вера. Драго ни е што Русија стана симбол на овој процес.Кога ви велат дека нема друга алтернатива освен ЕУ и НАТО, тоа значи уцена, понижување и колонизација. Ние ви велимедека имате алтернатива и дека секој народ треба самиот да одлучи. Каква одлука и да донесете, вие ќе останете наши пријатели и браќа. Решението треба да го донесете слободно“, додаде тој.

Сепак, рускиот идеолог не го претстави овој избор како бирање меѓу „кока кола“ и „пепси“, туку повеќе како „понуда што не може да се одбие“.

Професорот Тони Науновски беше меѓу неколкуте познати лица на конференцијата | Фото: БИРН

„Западот пропаѓа. Од ЕУ излезе една земја како Англија. Има евроскептицизам во Полска, Грција, Италија, Унгарија. Турција веќе ја отфрли идејата за членство во ЕУ. Но вас ви велат дека немате алтернатива.Словените продолжуваат да живеат на овие простори и важно е да си ги зачуваат своите традиции. Европската унија веќе не нуди перспектива. Може да пропадне или да се трансформира. Дури и Америка е на работ на судир. Едни се за глобализам, а други за Америка. Затоа Западот треба повеќе да се грижи за себе, а не да ја шири својата пропадната идеологија“, рече Дугин, бурно поздравен од публиката.

На секое споменување на Русија и на Путин следуваа аплаузи и овации. Тоа продолжи и за време на говорот на Леонид Савин, кој се обиде поконкретно да објасни што е Евроазиската економска унија и зошто, според него, таа е подобра од Европската унија. Партијата на Бачев со ребрендирањето се залага за членство на Македонија во оваа унија и за стратешко партнерство со Русија.

Публиката го поздравуваше секое споменување на Русија и на Путин | Фото: БИРН

„Европската унија е создадена врз идеологијата на стравот. Таа била формирана за некои земји од Западна  Европа да не војуваат меѓу себе. Брисел е сателит на Вашингтон. Европската унија не е демократска, бидејќи никој не ги избира еврокомесарите. Тие се бирократи кои не го слушаат народот.На другата страна имате интеграција базирана на почит, без разлика дали една држава е од два милиони или од двесте милиони луѓе. Евроазискиот сојуз е синтеза на различни суверенитети. Тој се базира на консензус, ако една членка не прифаќа нешто, тоа не се спроведува. Тоа е реална демократија“, рече Савин.

Мицов ги нарече НАТО и ЕУ „фашистички рајх“

Стефан Влахов Мицов не се воздржуваше во изборот на зборови со кои го напаѓаше Западот | Фото: БИРН

Стефан Влахов Мицов не беше толку воздржан во изборот на зборови како рускиот гостин. Според него, САД, НАТО и ЕУ се четвртиот фашистички рајх, при што САД и НАТО се воениот рајх, а ЕУ е економскиот рајх.  Тој доби силна поддршка од публиката кога рече дека „едно малцинство од 13,6 отсто прави што сака во Македонија“, и многу послаба реакција кога додаде дека „едно малцинство од еден процент заработува 16 пати повеќе од другите 99 проценти и тоа е најголемата нееднаквост“.

Теоријата на Мицов е дека САД подготвуваат војна за да го уништат „слободниот свет“, што според него го претставуваат Русија, Кина, Иран и други земји, а целта на Западот била и да се уништат Македонија и Србија на Балканот.

Дел присутни прашуваа дали Русија ќе и помогне на Македонија или ќе ја извиси како порано | Фото: БИРН

„НАТО подготвува војна со Русија која ја заговара САД, но сака да ги искористи Европејците како топовско месо. Затоа тие ја сакаат и Македонија во НАТО. САД се решени да одат во војна со Русија до последниот Европеец, и во војна со Кина до последниот Азиец. Треба да го исечеме кожурецот на пропаѓањето и да се ослободиме од англосаксонските стеги, за да се придружиме на заедницата кон која природно припаѓаме, а тоа е словенската“, порача Мицов, на што публиката повторно одговори со извици „Русија, Русија“.

Русија да ја спаси Македонија од македонските политичари

Имаше голем интерес за прашања, но време за само дел од нив | Фото: БИРН

Дојде времето за прашања од публиката, во кои дел се обидуваа да ги импресионираат гостите зборувајќи им на руски, а други им даваа подароци како уметнички слики, икони и различни документи, меѓу нив и лист што беше претставен како доказ дека првиот премиер на Русија бил Македонец.

Гостите се претставија само како „народни дипломати“, но присутните од нив бараа одговори што ќе направи руската држава за различни предизвици со кои би се соочила Македонија, или им даваа свои предлози. Се бараше Русија да ја заштити Македонија и да неѝго сврти грбот како во 1913 и во други периоди, како и да стави вето во Обединетите нации за промена на името, доколку македонските власти постигнат решение со Грција.

Бачев: Ни велеа дека македонскиот народ е за ЕУ и за НАТО, но каде и да одиме, гледаме дека не е така | Фото: БИРН

„Би му помогнале на македонскиот братски народ, но некој треба да ја побара таа помош од нас. Русија го почитува суверенитетот и не ја наметнува својата политика. За да помогнеме некому, тој треба да побара помош. Затоа може да помогнеме само ако имаме политички договор. Како што Башар ал Асад дојде во Русија да побара помош, и Русија ја среди ситуацијата во Сирија, испраќајќи ги нашите херои да се борат и да гинат за братскиот сириски народ“, им порача Дугин на присутните.

Рускиот филозоф го презира Западот и либерализмот, но смета дека тие најдобро може да се победат со нивните сопствени методи.

„Кога на Сорос не му се допаѓа некоја влада, тој вади луѓе на улица. И ние треба да ги користиме истите методи – социјалните мрежи се добро поле, исто и протестите. Треба да ги искористиме прогресивните методи за да ги зачуваме нашите древни вредности“, им порача тој на присутните.

Порака од публиката: Македонците се антички

Присутните ги обиколија гостите за да се поздрават со нив | Фото: БИРН

И покрај големите аплаузи што Дугин ги добиваше секогаш кога велеше дека Русите и Македонците се братски народи, сепак се повеќе присутни го враќаа прашањето зошто Русија не и помогнала на Македонија порано. Бачев се обиде да му помогне на гостинот.

„Гледаме дека има голем интерес за оваа наша идеја. Ни велеа дека македонскиот народ е за ЕУ и за НАТО, но каде и да одиме, ние гледаме дека не е така. Наш е изборот дали ќе одиме кон Западот, кон хомосексуализмот и истополовите бракови, или ќе се свртиме кон Русија и кон традиционалните вредности. Затоа, новата легитимна влада на „Единствена Македонија“ ќе се обрати за помош од Русија и ќе ја добие“, порача лидерот на партијата.

Гостите добија подароци, меѓу кои и слики од на кои беше изедначен нацизмот со комунизмот| Фото: БИРН

Од Дугин се бараа одговори за тоа што ќе направи Русија за различни прашања во Македонија, меѓу другите и за признавањето на Македонската православна црква. Еден од помладите присутни му порача на филозофот да не ги вбројува Македонците во идејата за сесловенско единство.

„Само да ве потсетам, ние не сме Словени, ние сме антички Македонци, ние зборуваме словенски јазик, но во нашите вени тече крвта на Филип и на Александар Македонски“, истакна тој, на што доби голем аплауз.

Дугин прифати и писмо кое му беше речено да му го предаде на претседателот Путин.

Публиката трпеливо чекаше на ред за да се фотографира со руските гости | Фото: БИРН

„Ги слушам вашите прашања. Тоа е повеќе вашиот крик, отколку прашања. Ќе ги пренесеме вашите пораки, Каква и да е политиката, важно е дека ние комуницираме како народ со народ, душа со душа“, рече тој во една од своите последни пораки.

Тоа не беше крајот на дружењето со Дугин и со Савин. Присутните ги опколија околу сцената, им бараа автограми, заеднички фотографии, или одговори на прашањата што им останале неодговорени. Половина час по крајот руските гости го напуштија хотелот. Нивната турнеја како неофицијални руски мисионери ја продолжија во Битола, а потоа и во други краишта на словенскиот и на несловенскиот свет.