Тивко и далеку од дневната предизборна врева, на шестиот кат во Кривичниот суд, на 28 септември требаше да почне првото судење за обвинението за запленет тон марихуана во кавадаречко Сопот од април 2020.
Една и пол година откако случајот одекна во јавноста како успешна заплена, за потоа да се заплетка во различно толкување од полицијата и од обвинителството дали станува збор за марихуана, обвинетите требаше да се соочат со правдата. Но, судењето се одложи.
Не дојде обвинител.
„Некое нивно внатрешно недоразбирање“, рече судијката Оља Ристова, во обидот накратко да ѝ објасни на јавноста што се случувало кога предметот влегол во судот.
Истрагата за запленетиот 1,3 тони марихуана ја почнало кавадаречкото обвинителство, продолжила во Обвинителството за гонење организиран криминал, а на првото судење требаше да се појави обвинител од Скопското обвинителство.
Тоа значи дека дури три обвинителства се вклучени во случајот, но немаше кој да застане спроти обвинетиот во вторникот наутро.
Кога се оценувало обвинението, произлегло дека тоа не е предмет што треба да го судат судиите за организиран криминал, туку од одделот за кривично полнолетни.
Затоа уште во март судијката се јавила во Обвинителството за да побара надлежен обвинител кој ќе го застапува предметот. Ама, јавувањето не помогнало.
Така, спроти празното столче на обвинителот, во судницата број 13 седнаа адвокатот на обвинетиот управител на фирмата „Канатек“ Ненад Јованов, Ангеле Илиевски, и адвокатката Иванка Јакимовска назначена по службена должност за обвинетата фирма.
На судењето дојдоа само Јованов и сведок што бил поканет да сведочи.
Израелецот Менахем Јиштик Кохен, сопственик на магнатот „Медиви терапеутик“, кој ја купил македонската фирма „Канатек“ што го садела материјалот и исто така е обвинет во постапката, не беше присутен.
Помиинала половина година откако судот по дипломатски го побарал Коен во Израел. Но, безуспешно.
До одржувањето на првото судење немало известување до Министерството за правда дека Коен ја примил поканата.
Но, на судењето, адвокатот Ангеле Илиевски рече дека фирмата „Канатек“ сега има нов сопственик.
„Досегашниот сопственик од Израел ја има продадено фирмата на лице, чиј идентитет ќе го доставиме дополнително…“.
Промената уште не е направена во Централниот регистар. Илиевски се правдаше дека за неа дознале пред десетина дена и дека било прекратко времето за да се преведат сите документи за промената на сопственоста од хебрејски на македонски јазик.
Судијката Ристова ги потсети присутните дека независно од промената, според законот, фирмата наследничка ги презема сите обврски на фирмата што претходно била сопственик.
Сега повторно ќе се испрати покана до Коен преку замолница, како и допис до скопското обвинителство со кој ќе се побара да се назначи обвинител за овој предмет и нови покани до сведоците.
Во таква атмосфера на скоро, па „очекувано одложување“, многу поразлична од „бучната“ акција за уште еден голем успех на македонската полиција, заврши получасовното рочиште.
На поканите што ќе ги добијат обвинетите ќе пишува нов датум – 29 март 2022 година.