Сведок на обвинителството, пред Хашкиот трибунал изјави дека поранешниот функционер на Службата за државна безбедност (СДБ) на Србија, Франко Симатовиќ, во 1991 година, ги снабдувал со оружје српските бунтовници во тогашната самопрогласена Српската автономна област (САО) Краина.
Радоша Милутиновиќ, Белград
Заштитениот сведок на обвинителството, РФЈ-066, во вторник, пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали (MМКТ), изјави дека Франко Симатовиќ носел оружје во САО Краина.
„Секоја пратка што ќе ја пратеше Френки имаше околу 200 пушки … со глава гарантирам, оти јас ги истоварував“, рече сведокот.
РФЈ-066, сепак, не можеше точно да одговори на прашањето на бранителот на Станишиќ, Вејн Џордаш, колку точно оружје пратил Симатовиќ.
Рече дека имало две големи пратки и неколку помали.
Според обвинението, тогашниот шеф на СДБ Србија, Јовица Станишиќ, и неговиот заменик, Симатовиќ, спроведувале здружен злосторнички потфат, чија цел била трајно и насилно отстранување на несрпското население, од големи делови на Хрватска и на Босна и Херцеговина, со цел да се постигне српска доминација.
Како доказ за поврзаноста на лидерот на краишките Срби, Милан Мартиќ, и српскиот претседател, Слободан Милошевиќ, кој, според обвинението, бил на чело на злосторничкиот потфат, обвинителите во судницата го пуштија предизборниот говор на Мартиќ, од 1993 година.
Нарекувајќи го Милошевиќ „сесрпски лидер” кој „никогаш Краина не би ја продал”, Мартиќ, во својот говор се залага за обединување со матицата Србија.
РФЈ-066 истакна дека „оваа кампања Станишиќ ја финансирал во готово”.
Во текот на вкрстеното испрашување, бранителот Џордаш укажа на недоследност во изјавите на сведокот, доведувајќи го неговиот кредибилитет во прашање.
Во изјавата од минатата година, сведокот, според Џордаш, опишал, како во март 1991 година, за време на големите демонстрации во Белград, Станишиќ од Мартиќ побарал, во главниот град на Србија, да му „испрати 150 краишки милицајци”.
РФЈ-066 наведе дека 50 до 70 милицајци, со авиоn од аеродромот Удбине, биле пренесени во Белград.
Бранителот на Станишиќ тврдеше дека „нема ниту еден доказ, извештај или наслов“, дека во март 1991 година, припадниците на краишката милиција, биле на улиците на Белград.
Тој посочи дека сведокот „халуцинира” и го повика да го докаже своето тврдење. РФЈ-066 одговори дека е навреден од оваа сугестија.
Адвокатот Џордаш, потоа му ја предочи на сведокот неговата изјава од 2003 година, во која за истиот настан рекол дека се случил „во март 1992 година”.
„Сум ја погрешил годината, апсолутно сте во право, во 1991 или во 1992 година, но тоа се случи … Гарантирам со глава дека беше така, знам многу мои колеги, кои учествуваа во тоа”, рече РФЈ-066.
Инаку, за време на сослушувањето во понеделникот, РФЈ-066 изјави дека Симатовиќ, во пролетта 1991 година, бил „главен командант” на српските специјални сили, кои спровеле етничко чистење во САО Краина.
„Френки беше главен командант … на тимот ‘френкиевци’ и на државната безбедност”, нагласи РФЈ-066, сведочејќи преку видео-врска, со скриен лик и изменет глас.
Според него, борците што ги контролирал Симатовиќ, „ѝ помагале на Југословенската народна армија (ЈНА) во (етничкото) чистење”, односно во прогонот на Хрватите од областа околу Кореница.
Во декември минатата година, откако Апелацискиот совет на Хашкиот трибунал ја отфрли првостепената пресуда со која тие беа ослободени, Станишиќ и Симатовиќ изјавија дека не се виновни за злосторствата за кои се обвинети.
Советот, на 15 декември, процени дека имало погрешна примена и толкување на законот, кога Станишиќ и Симатовиќ беа ослободени од обвиненијата. Тој наложи процесот да се обнови и сите сведоци и докази да бидат повторно изведени пред нови судии.
Судењето продолжува.