„Димна“ бомба пред храмот на богот Јанус

Во Македонија, која со години се дави во сеопшти лаги, не постои ништо што допрва може толку екстремно да нѐ изненади, иако никогаш не треба да се потцени надоаѓачкото количество суровини во погонот на најголемата владејачка инвестиција – лагата. Досега доволно сме се увериле дека на сите значајни места седат извонредни специјалисти кои се способни во кое било време да ни исфабрикуваат некоја друга, трета или петта реалност.

Затоа, не сум изненадена од новите епизоди во сапуницата посветена на одбрана на ликот и делото на Диме Спасов. Напротив, ако еден ден биде формиран некаков Етички совет, за негов раководител би требало да биде именуван токму Диме Спасов. Каква партиска етика, таков и раководител!

Имено, изминативе години бевме сведоци на толку голем број случаи во кои црното беше претставено како бело, што не ни остава простор да се скандализираме од секој нареден дострел на погоните на пропагандата, меѓу кои и последниов. Некако навикнавме.

Ако власта искина железни опинци за да оправдува еден сообраќаен чин типичен за бесрамник и подлец, можете ли да претпоставите на што сѐ е подготвена кога на ред ќе дојде докажувањето, не на снимки од „сејфсити“ туку на индициите од снимките кои сведочат за многу повеќе од две удрени возила и прегазен морал: за провизии, криминал, незаконско прислушкување и други слични „ситници“

Гледајќи врз какви морални вредности се темели владеењето на актуелната гарнитура, но и фантазијата и креативноста со кои со години го покриваат дефицитот од морал, беше очекувано дека и овојпат ќе произведат некоја „врвна партиска вистина“.

Но, и мајсторите на пософистицираните партиски конструкти, овојпат длабоко потфрлија. Можеби и готовите „мостри за одбрана“ веќе се потрошиле од рафтовите на ДПМНЕ-вскиот магацин. Па така, во временски процеп кога не е распишан нов тендер за обновување на минхаузеновските „стокови резерви“ (имено, главниот агитпроп-мајстор подолг период не доаѓа на работа) и кога главниот Барон е веќе преморен сам да ги вади децата од нови г…а, решиле да пристапат кон наједноставната варијанта: „Ало полиција, видете во вашата база кои се тие што овој нашиов ги закачил со кола?“. „Добро, шефе.“

По неколку минути: „Ало шефе, тие фигурираат како осудувани за повеќе дела“. Следува инструкција: „Одлично. На тоа нека се гради приказната – дека криминалци се во прашање, дека тие го бркале, дека нашиов од нив бегал. Терајте во таа насока… “.

И еве до каде дотераа. Отсега, секој што во сообраќајот по своја вина може да го удри возилото на Диме Спасов, автоматски си има загарантирано алиби: „Не сум вионовен, видете си таму во базата за колку прекршоци во сообраќајот е пријавуван овој Диме Спасов – сигурно за најмалку три. Прво нека научи да вози, па потоа нека обвинува други!“

Изгледа шашаво, ама ако ваквата „логика“ за актуелна вина според минат труд функционира во корист на Спасов, зошто не би ја користеле и други?

Впрочем, не е проблемот само во тоа што Диме Спасов не ја говори вистината и што неговата партија заради свои потреби сесрдно го поддржува и мотивира таквото однесување. Најголем проблем е што воопшто не се срамат од количеството лаги што го сервираат пред граѓаните/народот. Истиот народ, чија важност не ја вадат од уста при секој говор, уште еднаш е истретиран како стадо, кое треба да го зоба тоа што брзата пропаганда ќе му го сервира под нос. Толку од почитта.

Но, обидот за морална и политичка амнестија на Диме продуцира како нус-производ и една голема „вредност“, која заслепениот врв на ДПМНЕ не ја гледа или не сака да ја види. Во овој предизборен период, Диме стана лакмусот кој ги покажува најискрените пориви на власта.

А власта преку овој случај покажува дека нема апсолутно никаква намера да се менува ни самата, а камоли да спроведува некакви темелни системски реформи. Покажува дека нејзиниот менталитет на промовирање апсолутна безгрешност и неказнивност за неа, се концесионирани и зацементирани за век и веков.

Вратите во Белата палата постојано се отворени за партијата, и постојано затворени за јавноста. Значи, додека партиската војска е растрчана на „фронтот“ за расчистување на „Димни бомби“, народот треба да верува дека сѐ е во ред, да не прашува, да не се сомнева, да се опушти и да се развесели, што би се рекло – „да се направи Диме Спасов“

Тоа значи дека и натаму не планира да си го губи времето со каква било реална отчетност. Таа е заинтересирана само за нивна ДПМНЕ-овска варијанта на отчетноста, етичките стандарди и демократија. Што значи тоа? Дека секогаш од еден кохерентен и веродостоен извештај или настан ќе ги извлекува само оние факти на чија основа може да се склопи една сосема поинаква приказна, а притоа ќе ги потиснат или премолчат сите други факти кои директно и противречат на нејзината верзија. Со таков инженеринг власта и натаму ќе ја модифицира вистината секогаш кога таа нема да им оди во прилог.

И, ако искинаа железни опинци за да оправдуваат еден сообраќаен чин типичен за бесрамник и подлец, тогаш можете ли да претпоставите на што сѐ се подготвени кога на ред ќе дојде докажувањето, не на снимки од „сејфсити“ туку на индициите од снимките кои сведочат за многу повеќе од две удрени возила и прегазен морал: за провизии, криминал, незаконско прислушкување и други слични „ситници“…

Тоа е лицето со кое ВМРО-ДПМНЕ преку „случајот Спасов“ денес ѝ се препорачува на јавноста: како богот Јанус – со две лица. Едно лице изгланцано за пред народот, другото за внатре, за „по дома“, таму каде што народот не може да ѕирне – ни во луксузите на Белата палата, ни во тајните што ги кријат финанските конструкции со кои таа е изградена.

И не случајно ги кријат: голем дел од народот би можел да падне во несвест кога ќе си ги види имињата на партискиот список во улога на „донатори“. Затоа партијата не сака да се знае ни кој пие, ни кој плаќа. Особено откако ова со Диме прилично им ги помати сметките, па се дозна дека социјалниот министер за бензин месечно имал право да троши исто толку колку што изнесува вкупната социјална помош за 10 до 12 лица, односно за повеќе од 40-тина луѓе, ако покрај носителите на правото за помош се земе предвид и бројот на членовите во сите тие семејства.

Тоа е двојното лице на богот Јанус. Во Рим постоел храм во негова чест, чии врати останувале отворени секогаш кога војниците заминувале на бојно поле, сѐ додека не се вратат. Ако вратите биле затворени, тоа значело дека војниците не се на фронт и дека владее мир.

Вратите во Белата палата постојано се отворени за партијата, и постојано затворени за јавноста. Значи, додека партиската војска е растрчана на „фронтот“ за расчистување на „Димни бомби“, народот треба да верува дека сѐ е во ред, да не прашува, да не се сомнева, да се опушти и да се развесели, што би се рекло, „да се направи Диме Спасов“.

Веројатно, тоа е единствениот начин некако да ги доближат до „базата“. Прашањето е само во чија: во партиската или во полициската?