Вести

Јавното обвинителство го „откачи“ Груевски за застарувањето во „Траекторија“

Груевски на судење | Фото: Р. Атанасовски

Никола Груевски загуби уште една правна битка во обидот да докаже дека му застарело делото во предметот „Траекторија“.

И покрај тоа што судијата Горан Бошевски, во 2019 донесе решение за запирање на постапката за Груевски, бидејќи му застарело делото, обвинителката Лиле Стефанова не застана овде.

Тоа решение на судијата, Стефанова го обжали на Апелација. Петмина апелациски судии, лани во февруари одлучија дека обвинителката е во право. Судот формално не можел да ја запре кривичната постапка за Груевски бидејќи веќе почнало судењето, туку требало за него да донесе пресуда.

Во решението на Апелација за овој формален пропуст пишува: „Судот нема законско овластување да донесе решение за запирање, и во ситуација кога јавниот обвинител останува на поднесеното обвинение, судот е должен по завршувањето на главната расправа со пресуда да се произнесе по предметното обвинение“.

Адвокатот на Груевски, Горан Каркински, лани во мај, до Јавното обвинителство доставил барање за заштита на законитоста, како вонреден правен лек, со кој побарал Јавното обвинителство да поднесе такво барање пред Врховниот суд.

Но, минатата недела, Јавното обвинителство го одбило таквото барање на адвокатот на Груевски.

Бидејќи делото за поранешниот премиер е апсолутно застарено, тоа значи само едно – подолготрајното судење носи повеќе трошоци за водењето на постапката.

Од Јавното обвинителство за БИРН велат дека основата по која се барало покренување на вонреден правен лек е по членот 474 од Законот за кривичната постапка. Но, барањето на адвокатот на Греувски му го одбиле бидејќи тој член се однесува на отфрлање на обвинението во фаза додека се оценува, а не во фаза на судење.

Груевски беше обвинет со т.н. обвинителен предлог, што значи дека казната е до пет години затвор за кривичното дело „Примање награда за противзаконско влијание“ и случајот му застаре во 2019 година.

А судењето за „Траекторија“ почна пред пет години, поточно во декември 2017.

Судијата што го судеше предметот, Горан Бошевски беше разрешен, па судењето почна одново.

Предметот сега го суди судијата Илија Трпков, кој изгледа дека наметнува нова динамика за да го заврши предметот, па во февруари закажа шест рочишта.

Во „Траекторија“ обвинети се поранешните министри Владимир Пешевски и Миле Јанакиески, како и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски, дека ја злоупотребиле службената положба и овластување и го оштетиле буџетот за 155 милиони евра.

Но, за нив делата не застаруваат во блиско време, бидејќи предвидените затворски казни се повисоки.