Извештај

Невладините му свртеа грб на Судскиот совет

Седница на Судскиот совет | Фото: БИРН

Ниедна невладина организација досега не се јави на повикот на Судскиот совет за да номинира претставници во комисијата што треба да ги спроведе изборите за нови членови на Судскиот совет.

Повикот на веб-страницата на Советот беше објавен на 13 јуни, а рокот за пријавување е 10 дена од денот кога повикот е објавен на веб-страницата, што значи дека истекува денеска. Од Судскиот совет велат дека рокот е од денот кога е објавен во Службен весник, а тоа е 26 јуни.

Портпаролката на Советот, Гордана Дувњак, за БИРН потврди дека досега не се пријавила ниедна организација.

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата и Блупринт групата излегоа со заедничко соопштение во кое напишаа дека поднесените оставки на двајца членови не се доволни за да го вратат загубениот легитимитет, а изборот на двајца нови членови на Судскиот совет нема да ја смени перцепцијата за досегашното постапување на овој состав на Судскиот совет и со тоа нема да ги исполнат во целост нивните очекувања.

Организациите сметаат дека „единствен начин за надминување на состојбите предизвикани со незаконското работење на Судскиот совет е доколку и останатите членови поднесат оставки и доколку се иницира унапредување на транспарентноста, отчетноста и инклузивноста во процесот за избор на нови членови на Советот“.

Според Законот за Судскиот совет, претседателот на Комисијата за избор, еден член и нивните заменици се избираат од Здружението на судиите, а еден член и неговиот заменик се избираат од редот на претставниците на здруженијата и фондациите, кои работат повеќе од пет години во областа на човековите права и владеење на правото.

За разлика од невладините, Управниот одбор на Здружението на судиите на вчерашната седница одлучиле да номинираат претставници во комисијата.

Законот за Судскиот совет, во ваква ситуација пропишува, ако не се пријави никој од граѓанските организации, Советот да се обрати до Адвокатската комора и тие да номинираат претставници во комисијата за спроведување на изборот.

Откако е новиот закон за Судскиот совет во сила, не се случило граѓански организации да не делегираат претставници во комисијата.

Повикот беше објавен откако двајца членови, судиите Мирјана Радевска-Стефкова и Зоран Герасимовски поднесоа оставки по случувањата во Советот, во кој незаконски беше разрешена поранешната претседателка, Весна Дамева, па беше поништена таа одлука за повторно да биде разрешена и да биде избран новиот претседател, Сашко Георгиев.