Регион

Одбиено барањето на Хрватска да учествува во постапката Прлиќ и останатите

Хашкиот трибунал ја отфрли жалбата на Хрватска, со која таа бараше да ѝ биде дозволено учество во случајот што се одвива против шестмина поранешни официјални лица на т.н.. Херцег-Босна.

Денис Џидиќ, Сараево

Шестмината обвинети во судница во месец март, кога ја поднесоа жалбата

Хашкиот трибунал во средата го отфрли барањето на Загреб, на Хрватска, во предметот против Јадранко Прлиќ, Бруно Стојиќ, Слободан Праљак, Миливој Петковиќ, Валентин Чориќ и Берислав Пусиќ, да ѝ се додели статус на „пријател на судот”.

Хрватските власти во поднесокот до хашките судии велат дека наводите на обвинителите, оти Фрањо Туѓман, Гојко Сушак и Јанко Бобетко биле учесници во здружен злосторнички потфат на територијата на Босна и Херцеговина, се „нови факти“.

Затоа, тие побараа да им биде дозволено да му се обратат на Апелацискиот совет, пред донесувањето на правосилната одлука за шестмината обвинети за злосторства во Херцег-Босна.

На Хрватска, минатата година, првично ѝ беше одбиено барањето да се појави како пријател на судот во овој предмет.

Претседателот на Хашкиот суд, Кармел Агиус, во одлуката наведува дека хрватските власти не докажале оти одлуката да им се оневозможи учество во случајот, е погрешна или неправедна.

Тој нагласи дека „Хрватска не навела оти со првичната одлука дошло до грешка во донесувањето на одлуката“.

Прлиќ, Стојиќ, Праљак, Петковиќ, Чориќ и Пусиќ, во 2013 година беа осудени на вкупно 111 години затвор, за злосторства извршени во Босна и Херцеговина, од 1992 до 1994 година.

Тие се обвинети за учество во здружен злосторнички потфат, чија цел била прогон и етничко чистење на Бошњаците од територијата на Херцег-Босна, кои сакале да ја приклучат кон „Голема Хрватска“.

Со пресудата, Прлиќ беше осуден на 25 години затвор, Стојиќ, Праљак и Петковиќ на 20 години, Чориќ на 16, додека Пусиќ беше осуден на 10 години затвор.

Пресудата во март оваа година ја обжалија и одбраната и обвинителството.

Се очекува, Апелацискиот суд да донесе одлука по жалбите, до крајот на оваа година.

Објавено и на Балканска транзициска правда